Во Прилеп работат и успешно произведуваат неколку компании чии сопственици се странски инвеститори, а една од нив е текстилната компанија Инако, лоцирана кај Старо Лагово.
Компанијата која во старт започна со само 18 вработени луѓе, денеска има речеси 200 вработени, а нивната фабрика се простира на повеќе од 8.000м2.
Нивната главна палета на производи вклучува перници, душеци и наддушеци, а компанијата е најголема во Македонија која се занимава со производство на пенасти производи.
Инако има муштерии низ цела Европа, а производството се планира и понатаму да расте.
Компанијата беше формирана во 2015 година од Британецот Ендру Брус, кога побарувачката за нови и иновативни производи од пена беше голема, па во нивните почетоци произведуваа иновативни пенасти производи за германскиот и австрискиот пазар.
Како што растеа така и бројот на производи стануваше поголем, па иако првично компанијата беше формирана за производство на перници, производството беше проширено и со душеци и наддушеци.
Во 2018 година Инако започна соработка со британската компанија Comfy Quilts UK, водечки производител на јоргани и перници во Обединетото Кралство. “Нашата база на муштерии сега се простира низ цела Европа и ние ќе продолжиме да се подобруваме и да растеме секоја година”, велат од компанијата.
Koмпанијата располага со најсовремена технологија за преработка на пена и планираат голем број нови производи за во иднина.
Во Инако услугата за муштериите е на прво место, а дека тоа е така говори и фактот што компанијата соработува со некои од најголемите европски клиенти, вклучувајќи и некои синџири на супермаркети.
Нам ни преостанува да им посакаме уште долги, долги години успешна работа и секако проширување на производството со нови капацитети и успешно реализирани нови вработувања.