“Името никогаш не беше единствен проблем”

Пишува Филип Георгиоски:

“Во 1993 година, Европскиот совет ги постави трите критериуми што една држава треба да ги исполни за да стане членка на европското семејство. Критериуми чии исполнувања подразбираат стабилна демократска влада којашто ги почитува законите и нивните соодветни слободи и институции.
Критериумите познати како “Копенхашки критериуми” се:
-Стабилни државни институции кои ќе гарантираат демократско функционирање на државата, владеење на правото, заштита на човековите слободи и права, како и заштита на малцинствата;
-Функционална пазарна економија која би се справила со конкуренцијата и пазарните сили во Унијата;
-Јавна администрација која е способна да ги спорведува и управува со европските закони во пракса.

Зошто не добивме датум?! Од каде да започнам?!

На 15 септември во Собранието се изгласа Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Со овој закон во системот паралелно постоеа две обвинителства без да се промени Уставот. Се дозволи специјалниот јавен обвинител да има огромна моќ, која нема да биде контролирана од никој. Дури и оние кои го поддржваа создавањето на овој закон, сметаа дека СЈО требаше да функционира како посебно обвинителство кое ќе биде вметнато во Уставот. Филмот наречен СЈО конечно заврши, а главниот актер е во затвор.
Уставниот суд не ја одигра својата улога во овој случај.

СЈО беше карцином кој започна да го уништува правосудниот систем, но тоа беше само почеток.

Следеше избирање на претседател во Собранието со грубо кршење на Уставот и Деловникот на Собранието.

Потоа се организираше референдум на кој што граѓаните гласаа, односно не гласаа, за промена на уставното име, а референдумското прашање се состоеше од три прашања срочени во едно. Поставено на овој начин прашањето беше двосмислено и нејасно, со што ги доведуваше гласачите во заблуда.
Неуспешниот референдум на кој гласаа само 36% од гласачите требаше да значи крај и правно погребување на т.н. “Преспански договор”. Да ве потсетам ли како заврши оваа приказна?
Гласањето за промена на Уставот против волјата на народот беше доказ дека во Македонија веќе не владее правото и правдата, туку дека тука владее хаос и безредие.

-Функционална пазарна економија која би се справила со пазарните сили во Унијата е вториот критериум што Македонија требаше да го исполни како би добила датум за преговори со ЕУ.
За жал македонската економија не може да се справи со притисокот на конкуренцијата внатре во Унијата. Доказ за тоа е и последната шлаканица од Светска банка. Односно, според најновата прогноза растот на македонската економија во наредните две години ќе биде под регионалниот просек.
Како што известуваат од Светска банка од Македонија се иселени половина милион граѓани или една четвртина од населението. Од нив две третини се работоспособни, а една третина се високостручни. Како што предупредија светските банкари “мора да се преземат чекори за да се спречи одливот на стручен кадар од земјава, бидејќи ќе се доведе под ризик целата економија, пазарот на труд, како и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд”.

И за крај е потребна способна јавна администрација која ќе може да ги преземе обрските кои ги носи членството во Унијата, да ги спроведува и управува со законите на ЕУ во пракса.

Ќе погрешам ли ако кажам дека администрацијата во Македонија е речиси целосно нефункционална?

Потребна е итна реформа и промена на менталната матрица на вработените во администрацијата. Потребно е создавање на департизирана и деполитизирана јавна администрација која ќе работи според начелото на транспарентност. Потребна ни е администрација која во центарот на своето работење ќе го има граѓанинот и остварувањето на неговите права. Тоа го немаме во моментов.
Зошто имавме толку големи очекувања кога знаеме дека не исполнуваме ниту еден од горенаведените критериуми за влез во Унијата? Кој и зошто ја создаде оваа илузија за граѓаните? Си “купуваше” ли Заев уште една година власт со минатогодишната лажна вест “која ја доби во авионот”?

Датум не добивме, а името го променивме. Се откажавме од историјата и идентитетот. Името никогаш не беше единствениот проблем, но штетата е направена.
Добивањето на датум ќе значеше дека Европската Унија не ги согледува реално поставените критериуми, туку дека донесува политички одлуки.

Франција не е нашиот непријател, нашата Влада е.

Време е за промени!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.