Живот: Петре Талевски, фудбалски голман
-Кариера од 1961 година
Каде ќе најдеме највозрасен фудбалер – рекреативец, ако не во најфудбалскиот град, Прилеп. Тоа е Петре Талевски, пензионер, порано вработен во Витаминка. Иако има 72 години, уште е голман, рекреативец на натпреварите во мал фудбал. Негов врсник ако го прашаме кога последен пат играл, ќе рече дека не се сеќава, оти било пред три-четири децении, а нашиов соговорник вели ,,синоќа,,.
-Синоќа бранев во балон-салата во Точила. Ме свикаа некои млади. Годинава немам своја екипа, а до лани одев со Македонче, Марјан Мантата, некои помлади што не ги познавам. Моја генерација нема. Другите 20-30 години се помали, а има дури и 50 години помали. Играме против судии, екипа на Шоше, полицајци, мешани… Синоќа бевме подобри и победивме – вели Талевски.
Брани и во други сали. И во Универзалната, и во,,Македонија,,… Порано одел секој ден, до пред седум-осум години. Еднаш го викнале да брани од 16 часот со Македонче, од 18 часот дошол Паризо и за нив бранел, а и потоа останал на трет меч. Му се здрвиле нозете од стоење на гол. Има и други голмани во градов, но не се сите расположени секогаш да бранат. Редок пример е Петре. Нема душа за да одбие. Го бараат на сите страни и секаде е сигурен чувар на мрежата.
-Бранам и немам мака. Шутираат силно млади од 20-на години. Не се давам. Пред две години освоивме прво место за ветерани на турнирот ,,Свети Никола,,. Тоа е спорт за здравје. Засега продолжувам, без запирање. Врсниците се мачат со болести, стресови… За жал, има одамна умрени. Не се откажувам од спорт и фудбал. Викам дека не играм повеќе, дури пак не ми се јават. Ме земаат од пред порта со автомобил. Бранам, се фрлам, тешко да ми ја затресат мрежата. Немам страв од повреди, оти сум минал сé и сешто. Двапати ми ја напукнаа ногата. Ја носев во гипс и после веднаш продолжив со бранење – раскажува за најтешките моменти.
Повозрасните се сеѓаваат на долгата кариера во големиот фудбал. Бидејќи татко му бил железничар, се родил во Скопје, а кога се преселиле во Велес, тренирал за Борец на 14 години, а со лажна 17-годишна возраст на книшката за да има право на настап, заиграл лева полутка во сениорска екипа на Чашка. По неколку недели голманот на Борец ја скршил раката. Немало кој да брани. Така во сезоната 1961-62 Петре станува голман и до ден-денес уште е голман. Потоа е преселбата во Прилеп и Клапа, кој бил исто голман, му препорачува да појди во 11 Октомври, на тренинг кај базенот.
-Наместо 11 Октомври, тие биле Хајдук, со тренерот Благоја Башески. Првиот меч во Бучин победивме 1-2. Џипот со кој патувавме се расипа и од Бучин до Кривогаштани се враќавме пеш. Издржавме оти бевме заразени со фудбал. Сега нема негде да видиш да се игра маалски фудбал. Ништо нема. Тогаш во секое маало имаше ширинка за фудбал – прави разлика на времињата.
Низ разговорот разгледуваме стотици, куп фотографии, сведоштва за фудбалските настани. Толку многу слики којзнае дека имаат и прволигашки фудбалери. Најстарата слика е од Чашка, каде цел тим е по ,,купачи,, како за на плажа. Бидејќи игралиштето било до реката Тополка, фудбалерите ем играле, ем се капеле. На друга слика е со некој Аце од Кореница, кој сега е во Австралија, на трета со Пандо… На една, малку бледа, се фрла, прави парада. Има со Иле Најдоски, голман, колега. Многу слики се со Витаминка, каде тренер е Тоци Георгиев, па Душан, Цобе, Кире агрономот, Граше, Зоран Пашата, Златко Мајското, Љупчо Кафето… Слики, слики… Безброј. Бараме некоја понова, а тој нуди една од пред 30 години. За возрасен човек, пред 30 години е како сегашност.
-Девет години сум во пензија. Оттогаш не сум се сликал. По сликите, ми велат дека сум речиси истиот како сега. Останатите се остарени, здебелени… Некои ги нема. Каде се Ико, Стојан… Паметам состав, јас, Зајко, Андон, Боге од Лагово, Ико, Паскало, Орде Штарго, Пеце Тарзано, Јосе Ќосо. Прво беше Хајдук, па се прекрсти во Градител, потоа Земјоделец, на крајот во ЗИК Прилеп. Најдобрите партии беа во ЗИК Прилеп. Едно време бевме толку добри што каде одевме, победувавме. Кога влеговме во Македонска лига, бев војска во Куманово. Се вратив на полусезоната. Првиот меч со Љуботен во Тетово. Бранев и настојував да бидам како идолот Јантољак од Риека. И ме завикаа Јантољак. Се фрлав и на трева и на земја какопротив против Извор од Велешко. Од еден метар удар со глава одбранив в ќош горе. Одбраната ми остана во сеќавање. Публика имавме од сите страни. Имаше повеќе гледачи отколку сега Победа, иако игравме во 10 часот претпладне. По ЗИК заминав во Металец, па во Варош, Врбјани, пак во Варош, Корзо. Бранев во Регион, а навршив 45 години и конечно дојде крајот во големиот фудбал -памети Талевски.
Епилог на големиот фудбал, а не на малиот. Му нема крај ниту на задоволствоот на гледање фудбал. Петре ужива на фубал на телевизија. Особено сега кога има изобилство, национални лиги, англиска, шпанска, германска, италијанска, европски купови, репрезентации. Ако не мора да гледа шпански или турски серии со сопругата, сигурно му е вклучен некој спортски канал.
-Редовно гледам фудбал, ракомет, билијард, тенис, одбојка… Не ме интересира само шах и рагби. Ми лежи фудбалот. Навивам за Манчестер и за Реал. Нема шанса да ги пропуштам – определен е Талевски.
Некогаш, поранешните фудбалери со душа чекаа фудбалски меч во градов да појдат на стадион. Сега е сменето. И нив ги нема на сé попразните трибини. Зарем може прилепчанец да издржи без да ја гледа Победа?
-Победа не сум ја гледал, 20 години, откако играше со Перуџа. Се нервирам. Не можам да гледам. Му велев на едно момче: Што фудбалер ќе бидеш. Лесна топка, идеална, а ти не можеш да ја удриш 30 метри. Како би ја удрил некоја од пред 50 години кога играв јас, кожена. Накисната со вода, десет кила. Од тренинг си одев со шинати раце. Оваа е лесна. Нема да ја осетиш да те удри в глава. Десет кила топка да ти ја мавнеше Штарго, како ќе ја фатиш. Тарзано, Даскало… Сите беа шибачи. Победа би ја гледал само ако се бори за титула. Да биде силна, да му даде три гола на Вардар – искрен е Петре.
За голманите сега вели дека од нив се бара да играат и со раце и со нозе, да бидат и голмани и играчи. Секое време со свои карактеристики. Може ли да им се најде некоја маана на сегашниве чувари на мрежата?
-Сегашниве голмани не ја фаќаат топката. Ги одбиваат. Не знам дали топките им бегаат. Не знаев да одбивам топки. Ако можам да ја фатам, ја фаќам, нема одбивање – кажува Талески.
Додека е фудбаски активен во пензионерските денови, во Австралија син му играл мал фудбал, а 18-годишниот внук голем фудбал, на позиција халф.
Одбранил пенал со Победа
Најинтересни биле дуелите со Победа, во шеесеттите и седумдесеттите години. Силниот југословенски второлигаш и ЗИК Прилеп ги одмерувале силите како градскиот ривал.
-Со Победа игравме за куп. Водевме 2-0 и судијава свири пенал за нив. Биеше Мицко Николоски, мој роднина. Го знаев како силно шутира, лево од голманот. Се наместив таму и топката удри силно во мене. Одвај ја задржав. Се зачуди. Му реков да ја смени еднаш страната! До крајот направија пресврт и загубивме, но долго се памети одбранетиот пенал – вели Талески.
Има време и за пешачење
Малку му е фудбалот, па стигнува да оди пеш по околните планини и излетнички места. Често е облечен во тренерки.
-Пешачам во среда и сабота. Постојано сум во движење. Не мислам да запрам. Се чувствувам одлично и нема причина да застанам – вели тој.
Извор: “Неделник ЗЕНИТ”