Има само 16 години, ама и илјадници километри! Популарниот Кони од Прилеп веќе пишува историја за македонскиот велосипедизам (Фото галерија)

Прилепскиот спортски амбасадор, членот на ВК “Херој” од Прилеп, Константин Костоски, од 2019 е во велосипедизмот, зад себе поседува 5 последователни титули шампион на Македонија, а има само 16 години.

Од оваа година е член на ВК “Херој” од Прилеп, со право за настап и за “Лотус” од Печ, Унгарија и член на тренинг системот на Марко Судариќ
Во првата јуниорска сезона, со страшно темпо, по двата тренинг кампа во Шпанија во јануари и Хрватска во февруари, во март веќе му почна натпреварувачката сезона, во која веќе возеше на пет трки надвор од границите на Македонија, и тоа:

-30.03. Eröffnungsrennen во Леондинг, Австрија
-05.04. POKAL KAMNIKA in VN GENERALI ZAME – Камник, Словенија
-26.04. SP CC 2025 preteky jednotlivcov – Дубодиел, Словачка
-27.04. Slovenský pohár – Дубница, Словачка
-01/04.05. La Coupe du President de la Ville de Grudziądz UCI 2.1 – Полска

Последната трка во Полска беше UCI трка, во четири етапи, со вкупна должина од 388,7 км, а Константин ја возеше за тимот на “Лотус” во следниов состав:

Оливер Шош – Унгарија
Давид Александру Коман – Романија
Вук Тришиќ – Србија
Оливер Каленчик – Словачка
Константин Костоски – Македонија

Тимот се покажа победнички, со победа во третата етапа, најдобар млад велосипедист т.е бела маица. Беа четврти во генерален пласман, втори во спринтери и трети во борбеност. На трката зедоа учество 31 тим, со околу 190 велосипедисти.

Од тимот на популарниот Кони велат дека придобивките од досегашните трки се огромни, а искуството кое Костоски го акомулира како млад велосипедист е бесценето.

Она што е за секоја пофалба е тоа што македонското знаме се вееше помеѓу останатите знамиња на учесниците, што пак е промоција која македонскиот велосипедизам го подига на повисоко ниво.

Кони веќе се подготвува за следните три предизвици за годинава, и тоа:

-18.05. Трофеј Прилеп – Во организација на ВК Херој и Велосипедска федерација на Македонија, можеби најубавата од сите, градска, кружна трка, прекрасна за публика, а најважно во родниот град каде досега никогаш нема возено трка.
-21/23.05. Балканско првенство – Бакау, Романија (за репрезентација на Македонија)
-24.05. XI. Szekszárd GP – Сексард, Унгарија
-25.05. Magyarhertelend Nagydíj – Маѓархертеленд, Унгарија
-30.05./01.06 Trnava Tour – Словачка

Па доаѓаат неколку трки во Македонија меѓу кои и Државно првенство во друмски велосипедизам и хронометар, па трки во јули во Србија, Словачка и Австрија.

“Спортот е тежок, но љубовта кон него е најважна, а истовремено здравствените придобивки се огромни. За пример, само оваа година досега имам поминато 6.100 километри. Но, ги охрабрувам сите деца, да пробаат, да избегаат од неактивен живот, а тука велосипедот е незаменлив.

Во трките на кои настапував имаше клубови кои се пример во јуниорскиот велосипедизмот, т.е. развојни тимови на големите про тимови, кои во 2025.година се 18 на број, од каде ќе произлезат новите професионални велосипедисти. Сите тие тимови се спонзорирани од одредени компании со одреден буџет, кој е доволен тие да функционираат беспрекорно, а нивните возачи да бидат посветени на нивниот развој.

Во нашиот случај воопшто не е така. Ние како велосипедисти мораме премногу да внимаваме на опремата, не располагаме со резервна опрема. Висината на трошоците за резервна опрема и делови е голема, па поради тоа се надевам дека ќе најдеме спонзори кои би овозможиле повеќе да се посветиме на развојот, а истовремено ќе ги споделуваме успесите.

Благодарност до моите тимски колеги како од ВК Херој, така и од Лотус Благодарност до моите професори кои ме поддржуваат во мојот пат и ми даваат поддршка.Најголема благодарност до моето семејство кое безрезервно стои зад мене”, вели младиот велосипедист Костоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.