Денеска нема да зборуваме „само за спорт“. Ќе зборуваме за симболот на Прилеп, ФК Победа, со факти и докази. Во време кога локалната самоуправа беше предводена од СДСМ, тогашната власт во 2019 година, уверуваше дека преземањето од Општината е „чекор за спас“ и дека ќе следува инвеститор, стабилизација и развој. Денес гледаме што остана од тие ветувања, финансиски хаос и кадровски распад – истакна на денешната прес конференција, советникот во Советот на општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Рикалоски.
Прес конференцијата на Рикалоски во целост ја пренесуваме во продолжение:
Ние во тоа време како опозиција предупредувавме дека моделот што го туркаат е ризичен и нетранспарентен. Денес, за жал, времето покажа дека бевме во право.
Прашањето е едноставно:
Зошто, и покрај предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ управувањето на Акционерското друштво ФК Победа беше препуштено на неадекватни и некомпететни лица, без јасни механизми на контрола и менаџирање со клубот. Кој гарантираше за нив? И врз основа на што?
Дополнително, во јавноста сега со право се поставуваат прашања за однесувањето на одредени советници кои денес глумат загриженост, а истовремено се поврзуваат со судски постапки во минатото и побарувања кон клубот.
Прашуваме, доколку ваква постапка е во тек, дали тужбата ќе биде повлечена поради љубов кон Победа или ќе преовладува финансискиот и личниот интерес?
Да ги расчистиме лагите.
Невистинити се тврдењата дека Општина Прилеп не се грижи за Победа и дека не бара решение за излез од оваа состојба во која се наоѓа фудбалскиот симбол на Прилеп!
Од 2018 година Општина Прилеп до денес исплатила:
– 4.400.000 денари за струја,
– 8.800.000 денари за вода и поправки,
– над 12.000.000 денари директна финансиска поддршка преку јавни повици, дополнително на ова и редовното одржување на стадионот и инфраструктурата.
Ова се факти и реални бројки.
Општината не ја оставила Победа. Некој друг ја доведе во оваа состојба, токму оние на кои СДСМ им ја препушти без сериозна контрола.
Доста е од манипулации! Доста е и од обиди за собирање ситни политички поени на грбот на Победа.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи симболот на градот да биде жртва на туѓи политички експерименти.
Имаме јасен план за стабилизација. ФК Победа ќе се консолидира и ќе се врати каде што припаѓа, во врвот на македонскиот фудбал.
Одговорност мора да има! Доколку има финансиски пропусти и нерегуларности во работењето или било какви манипулации и злоупотреба со финансиите, секој што се огрешил ќе одговара.
Политиката е минлива.
Победа е вечна!
Победа нема да згасне!
Затоа, сега не е време за собирање ситнополитички поени, сега е време за заедништво, за поддршка, за верба и доверба!
























