Ракометарите на РК Прилеп вечерва пред своја публика го забележаа осмиот пораз сезонава, откако со високи 30:40 беа поразени од лидерот на табелата Алкалоид, кој е предводен од селекторот на македонската репрезентација, Кире Лазаров.
Прилепчани поведоа само на почетокот од натпреварот со 2:0, по што Алкалоид веднаш ги презеде работите во свои раце и дојде на 3:7. На полувремето се замина со плус пет за гостите 13:18.
Во вториот дел избраниците на Лазаров само ја зголемуваа разликата, а проблем за прилепчани беше и третото исклучување на пивотот Томислав Квастек, еден од најдобрите поединци во тимот, кој по црвениот картон остатокот од натпреварот мораше да го следи од трибините.
До крајот на натпреварот немаше изненадувања, а Алкалоид лесно дојде до посакуваните бодови.
Прилеп по ова коло останува на 12 освоени бода и продолжува да прима над 30 гола по натпревар. Одбраната останува рак рана на тимот, а играчите како да не покажуваат желба за натпревар против големите фаворити. Aко тимот сака да дојде во прилика да се бори за плеј-оф, тогаш мора да се покаже карактер и во натпреварите со екипите од горниот дел на табелата. Победи против Радовиш, Бисинов, Куманово и Струга, носат само нова борба за опстанок во суперлигашкото друштво.
Во наредното коло, избраниците на Божидар Мојсов гостуваат кај “фенерџијата” Радовиш.