Изложба “MUTE + UNFORBIDDEN COLORS” во недела во домот за култура во Прилеп

MUTE_info1

Изложбата MUTE + UNFORBIDDEN COLORS е авторска поставка навизуелниот уметник Мирна Арсовска и историчарот на уметност ДејанБуѓевац под заедничко име THE EX-ORPHANS.

Инсталацијата содржи две видео остварувања и еден поетски текст насловен како „Смртта знае“.

Поставката претставува еден вид на социо-визуелна „документација“, во која на еден „воајеристички“ начин преку два статични и идентични кадри се набљудува одредена банална „состојба“ како што е „човечки грб во лежечка состојба, потпрен на внатрешната страна на прозорецот“.

Истовремено, во позадина на двата видеа се слушаат разни звуци, почнувајќи од безгрижни гласови/комуникации на возрасни и деца, автомобилски звуци, но и неколку истрели кои на еден кревок и невознемирувачки начин, уште повеќе ја потврдуваат естетизираната немост и статичната тишина на видео сликата…

Двосмислените мизансцени делуваат како да се извадоци од филмови, но на крајот, тие се само реалниот живот; факт кој понекогаш е опкружен со одредена поетска нежност.

MUTE_info3

Овие „вињети на немоста“, овие „мали“ и естетизирани визуелни „сценарија“, кондензирани до извесна безначајна напнатост, формираат композициски сегменти кои со својот сензибилизиран колорит потсетуваат на одредени маниристички аспекти од историјата на уметноста.

Исечените кадри кои се по малку меланхолично рафинирани, поседуваат суптилна „театралност“, текстура која содржи сликарски конвенции, мек сликарски ефект, дифузна светлина во комбинација со кревки детали, пригушени бои…

Освен една фокусирана поетска индиферентност од страна на авторите, целата поставка во тематска смисла нема јасна и „препознатлива“ експлицитност, но е отворена за разни интерпретации од психо-социјален, интимен, културен и уметнички аспект…

Визуелни кадри кои исполнети со необјасниво чувство на копнеж, ја преиспитуваат исто така,  и сега веќе дискутабилната граница/разлика помеѓу јавното и она што се смета за приватност.

Во прашање е несвесна и кревка нијанса од нашето секојдневно постоење, подигната на ниво на остаток/недостиг/вишок кој не претендира, но е секогаш присутен како неодреденост или „чисто време“ (Жил Делез)…

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.