Изложба „Поеми“ од Соња Димовска отворена во галеријата во Прилеп

Тематската изложба „Поеми“ (графики на платно) од Соња Димовска беше отворена денеска во 13 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. На отворањето зборуваше Викторија Димеска, историчар на уметноста, која посочи дека графичките цртежи на авторката изобилуваат со лиричен сензибилитет.

– Станува збор за принтови на коишто се претставени растителни мотиви, односно делови од растенија, нивните цветови, гранчиња, листови и корени. Едноставниот и нежен израз на линијата, ја засилува лиричната и интимна нота на цртежот. Отисоците наликуваат на сенки и полусенки на разновидни растенија, доследно и прецизно претставувајќи ги нивните детали. Инспирирана и фасцинирана од источната (кинеска и јапонска) графика и сликарство, уметницата креира лирични и едноставни графички решенија, коишто целосно го абсорбираат вниманието на посетителот, воведувајќи го во една имагинативна и фантастична реалност – рече Димовска на отворањето на изложбата.

Уметницата Соња Димовска дипломирала на ФЛУ – Скопје на графичкиот оддел, исто магистрирала на овој факултет, член е на ДЛУМ од 2000 година и досега реализирала повеќе од 70 интернационални графички изложби во земјата и странство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.