Изложба од десетина дела во полиестер и метал од Валентина К. Стевановска и Миле Брцески беше отворена вчера вечер, во 19 часот, во галеријата „Борко Лазески“, во центарот за култура „Марко Цепенков“. Двајцата уметници се претставија со најнови дела. Делата од Стевановска се дел од циклусот „Македонија“, преку кој ја пренесува апропријативна идеја за љубовта кон татковината, како и нејзиното разбирање и артикулацијата. Стевановска завршува ФЛУ во Скопје, оддел скулптура, каде што и магистрирала.
Делата од Миле Брцески се на тема „Компаративна игра“, преку кои тој нуди еден реалистично-фигуративен концепт, при што е реализирана идејата, содржана низ процесот на метаморфоза и трансформација на духовните и традиционални вредности, прикажана преку играта на човекот-дете, преку полното и празното, преку блискоста и далечината. Брцески има завршено ФЛУ во Скопје.