Изложба на Васил Костов во Прилеп

Вo петок, на 6 декември во 18 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Сеќавање“ со дела од уметникот Васил Костов. Изложбата што ќе ја отвори Елена Чагороска, историчар на уметност, е рестроспектива на дел од неговото творештво насловено „Сеќавања“.

Ликовниот профил на Васил Костов е претпознатлив, синоним на континутет и развој на ликовната уметност во Прилеп. Роден е 1939 година во село Ранци, Егејска Македонија. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1960 година. Неговиот творечки опус започнува веднаш по завршеното образование. Со ликовната поставка насловена „Сеќавање“ се заокружува и се остварува замислата на Васил Костов – комлетна презентација на уметничкото достигување, најголем успех во ликовната дејност кој остава печат на уметник на прилепската, македонската ликовна сцена и пошироко.

Уметничкото достигнување во творечкиот период од шест децении како активен неуморен на речиси сите ликовни полиња со разновидна техника и материјали: масло на платно (каде што е доминантен), акварел, гваш, графика, обиди на работење во дрво и други материјали. Подолги години работи како сценограф во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и повремени студиски престои во Париз, Венеција, Москва, Варшава.

За одбележување е формирање на групата „2002“, во 1965 година, по иницијатива на Кирил Гегоски, Ѓорѓи Ачески и Васил Костов. Во тој период формирана е првата продажна галерија, единствена во овој период во Македонија. Костов, како член на ДЛУМ од 1966 година и член на ДЛУП од 1967 година, учествува на сите групни изложби. Од значење е што сите создадени и објавени ликовни дела се систематизирани и проучени од ликовните критичари. Последните години од животот ги посветува на непополнети моменти, сеќавања од детсвото, како бегалец од Егејска Макеоднија, со многу страдања и слики од доживеани настани.

Полн со емотивни чувства, уметникот започнува секоја слика, сеќавања и доживувања да ги сублимира, со идеја да започне серијал на слики насловени како „Сеќавање“ – бегалски сеќавања од 1945 – 1952 година. Така последните години од животот ги посветува во создавање на циклус ликовни дела со тематика бегалците од Егејска Македонија. Изработени се неколку дела и скици кои се недоработени, но со голема порака за болката и страдањата и доживеаното на бегалците.

На скиците и сликите, впечатлива е едноставноста на ликовниот пристап кој сведочи за едно време полно со тага, без правда, талкање и безнадежност. Костов претпочита посредно да ја вознемири нашата индолентност, нашата духовна пасивност, да го поттикне нашиот интелект на размислување, акција, определување.

Творбите на Костов во богатството на своите потенции, содржат извонредно доследен, естетски, сублимиран вид создавање, на едно колористички и обликувано, диференцирано и специфицирано ликовно творештво. Во ликовен план однесувањето на Костов е творечко активно и ангажирано.

-Уметникот се обидува да навлезе со ликовните инструменти, во една од основните противречности на нашето време. Во неговата ретроспектива на ликовен план, тематски обработува објекти, предели, мртва природа, камени површини. Костов успеваше да постигне ефекти на рамнотежа помеѓу формата, идејата, композицијата, тоналитетот и нарацијата. Делата предизвикуваат естетско доживување, ја покренуваат фантазијата кај гледачите, а уметникот умее да си поигра со колоритот на боите, хармоничност и потези кои го напојуваат окото на гледачот. Благодариме Васил Костов, што сме сведоци на големо незаменливо ликовно творештво, што си дел од темелењето на Прилепската уметност, респект кон твоето творештво и име и ликовните дела кои ќе бидат дел од Македонската ликовна ризница, пишува Елена Чагороска, историчар на уметност.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.