Изложбата “Псалми” на уметникот Венко Цветков, утре пред прилепчани

На 22.09.2023 г. /петок/ од 19.30 ч. во Ликовната галерија ќе биде отворена изложбата „Псалми“ од Венко Цветков од Штип. Изложбата се реализира со подршка на Министерството за култура и е во годишната програма за работа на Центарот.

Податоци за изложбата

Сликарството на Венко Цветков се базира на постмодерен синтетички ликовен слог при што зема примери од сликарството на германскиот сликар Сигмар Полке.

Синтезата ја структуира така што во визуелниот контекст вклучува елементи од средновековното македонско сликарство. Полето на неговиот интерес е концептот на христијанството во кое нема конфликт помеѓу популарната култура и духовното размислување. Делата на Цветков се повикуваат на иконографијата на православното сликарство како и псалмите од светото писмо, а тоа е интерпретирано во потполно нов духовен, односно мистичен начин вели м-р Матеј Мтетликовиќ, академски сликар.

Цветков со изложбата израснува во „праведник на формите отелотворени од библиската поетика“ и со својот раскошен талент создава предизвик за секој познавач на средновековната ликовна практика, видлива во социјативните насоки на неговата творечка визија. Тестамент за безвременската убавина на византоликите колоратури, изложбата на Венко Цветков самата по себе е стихувана панорама на визуелни парадигми инспирирани од мегапотентниот вруток на библиските епови – вели проф. д-р Елизабета Димитрова.

Творечкиот опус на Венко Цветков е изразито контемплативен. Диши со умереност, промисленост и предаденост на текот на времето, што заедно говорат што има авторот да ни каже. Таа порака е опуштена и од неа произлегува насоченост кон творештвото и творецот, со тоа што не воодушевува и не обзема – вели проф.д-р Милан јазбец, поранешен амбасадор на Словенија во Македонија.

Податоци за авторот

Венко Цветков роден во Штип. Завршил Виша педагошка академија во Скопје во 1976 година кај проф. Спасе Куноски. Дипломира на Академијата за ликовни уметности во Љубљана во 1984 година кај. проф. Киар Мешко. По завршувањето на студиите во Љубљана се враќа во Македонија и работи како реставратор на средновековно сликарство и истовремено активно твори во областа на современото сликарство.По 2007 година работи како професор во СУ „Лазар Личеноски“ од каде во 2022 година заминува во пензија. Покрај самостојното ументичко творештво интензивно работи и на отсликување на православни храмови во Македонија




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.