На 17.10.2025/ петок/ од 19.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Премин“ од Горан Ристовски, поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата:
Преку фотографскиот израз изложбата со наслов ПРЕМИН ја прикажува безвременската привлечност на водата, доловувајќи ја нејзината сила, мистерија и непоколебливо присуство. Апстрактни и минималистички по природа овие фотографии овозможуваат отворена интерпретација, давајќи му простор на гледачот да ги проектира сопствените емоции, мисли или сеќавања. ПРЕМИНувањето на водата- брановите од една форма кон друга, преобразување во поинаква состојба, нејасна, несигурна и неизвесна, метафорично крои приказна за индивидуата и човештвото. Брановите може да ги симболизираат животните предизвици, концептот на издржливост или минливата природа на постоењето. Поттик на размислување за непредвидливата природа на водата – сила која е и убава и понизна.
…Фотографиите освен романтичарскиот визуелен впечаток тие се ехо кое упатуваат кон еколошките предизвици на загадување, климатски промени и човечко занемарување, прикажувајќи ја моќта и тежината на водата – темната, немирна површина како симбол на нарушената рамнотежа помеѓу човекот и природата.
За уметникот:
Горан Ристовски е ликовен уметник кој живее и работи во Струга, дипломирал 2009 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика. Учествувал на повеќе проекти и групни изложби во Македонија и надвор. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид, Велес, Ниш, Берлин. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, фотографијата, муралот. Работи како професор по Ликовна уметност, еден е од основачите и членовите на здружението ИНКА од Струга и активно учествува на проекти од областа на културата.