Изложбата „Порти кон бескрајот“ од прилепскиот уметник и архитект Илија Кочоски, во петок пред прилепчани (ФОТО)

На 11. јули (петок) во 20:00 часот, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе биде отворена третата самостојна изложба на прилепскиот уметник и архитект Илија Кочоски, насловена „Порти кон бескрајот“.

„Порти кон бескрајот“ е ретка можност прилепската јавност да се сретне со досега необјавени дела од уметник чие визуелно наследство одамна е втиснато во генотипот градот – но без да го препознаеме како такво. Фонтани, споменици, обележја – секој од нас минал покрај некое негово дело, а малкумина знаат кој стои зад нив.

Изложбата го отвора сликарскиот свет на Илија Кочоски, уметник, архитект и автор на бројни јавни уметнички интервенции во Прилеп и пошироко, кој со децении делува тивко, но длабоко. Делата што ќе бидат изложени се создадени во еден продлабочен и самосвојен период на неговото творештво, а досега никогаш не се прикажани пред публика.

Овие слики не се создадени за декорација, туку како прашалници впишани во материја. Секоја од нив повикува – да се застане, да се вдише, да се зачекори нанадвор од рационалното. Во нив има нешто древно и истовремено потполно лично. Како иконите – не поради религиозноста, туку поради внатрешната строгост, ритамот и повторливоста, нивната скриена моќ на присуство.

Материјалите што Кочоски ги користи – бакар, дрво, масло, златни клинци – не се тука заради ефект, туку како наталожени слоеви на искуство: како тавите од нашето секојдневие, куполите од храмовите, прагот од старата куќа. Во нив се спојуваат ритуалот и интимата, светото и секојдневното.

Изложбата е поделена во два циклуса. Првиот, инспириран од мотивот на „Тајната вечера“, е геометриска и колористичка медитација – наспроти вториот, кој отворено се прашува за еволуцијата на свеста, за присуството на човекот во космосот, и за границите на духовното и материјалното. Тие „порти“ не водат во простор – туку во состојба.

Во време кога визуелното брзо се конзумира и уште побрзо се заборава, овие дела бараат да се остане со нив. Да се гледа подолго. Да се почувствува нешто што не се кажува лесно.

Изложбата е поддржанa од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.