Изложбата “поВРЗИНО” од уметникот Стефан Анчевски во петок пред прилепчани

На 25 април 2025 /петок/ од 19.00 часот во Ликовната галерија од НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „поВРЗИНО“ од уметникот Стефан Анчевски.

Текст за изложбата

Стефан Анчевски поставува и создава сопствен концепт на дела, создавајќи јасна и специфична уметничка визија. Познавајќи различни медиуми и знаковни симболи, уметникот ги материјализира своите идеи низ низа технолошки процеси, овозможувајќи му да експериментира со различни визуелни и уметнички средства. Работи на принципот точка – права, полно – празно, геометрија и нејзино слободно толкување, движење, динамично групирање на нештата.

Стефан Анчевски со својата поетика и своите слики открива дека му е близок графолошкиот пристап кој се потпира на ликовните искуства на сликарството од ХХ век и ехото на колористичките исходи на Климт и неговите следбеници. Неговиот визуелен јазик како облик на комуникација е универзален и единствен.

Експериментирајќи со најразлични техники и материјали, авторот го создава циклусот „ВРЗИНО“ кој беше изложен во 2024 година во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Втората изложба со наслов „преВРЗИНО“ реализиран во Ликовниот салон на ДЛУБ во Битола ги покажува нештата кои довеле до создавање на овој проект, односно се она што е работено пред. Додека пак ова претставување „поВРЗИНО“ ги поврзува сите три излагања. Во третиот, развоен ликовен циклус на авторот Стефан Анчевски се поврзуваат сите заедно.

Податоци за уметникот

Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Има реализирано свои 11 самостојни изложби, учествува на преку 150 групни изложби и прикажувања во земјава и странство. Член на ДЛУБ (2022), ДЛУМ (2023) и ДЛУП (2024). Во 2014 г. и 2023 г. добитник е на прва награда „TrashForArt“ и прва награда „Let’s bring justice closer to citizens“ во 2023 г. – COE – Национална галерија Мала Станица – Скопје.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.