Изложбата „Нова димензија во создавање 2 – Потрети“ од уметницата Александра Димитрова, во петок пред прилепчани

На 25.10.2024 /петок/ од 18.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ќе биде отворена изложба „Нова димензија во создавање 2 – Потрети“ од Александра Димитрова.

За изложбата „Нова димензија во создавање 2 – Портрети“

Самиот чин на создавање уметничко дело е трансформирање и создавање нова метафизичка димензија, чиј краен резултат е дело кое е поразлично од реалноста. Затоа сликите на Александра Димитрова, и покрај тоа што мотивите се пејзажот и портретот, се оригинални и претставуваат нејзино индивидуално гледање и креирање на овие мотиви. Во нејзините слики се чувствува силна експресивност и виталност преку играта на ликовниот јазик. Дијалогот помеѓу сликата и уметникот е театар каде што со потегот на четката таа гради свој свет на имагинарни простори и амбиенти. Комплементарноста на топлите и на ладните бои ја надополнува со текстура и цртеж, кои преку својот графицизам даваат витални атрибути. Нејзината вулканска енергија може да се види во композицијата којашто е игра на ритмички форми, кои создаваат некоја разиграна перспектива и длабочина во сликата. Тие имагинарни пејзажи таа ги гради слободно со големи површини на бои, кои таа ги патинира со различни нијанси, со што прави една енформелна и симболична композиција на игра и радост. Потсвесно или намерно, Димитрова од разиграните слики богати со бои и текстура извлекува со лесна и конструктивна линија одредени ликови и портрети, кои се идеализирани, но сепак носат одредена емоција, лиричност и грациозност. Стилски, нејзините слики се блиски до експресионизмот, енформелот со призвук на надреални и импресионистички тактилни доживувања, кои носат еден индивидуален ликовен ракопис. Сликите се прозорци на денешното турбулентно динамично живеење во кои секој може да се пронајде во раскошот на боите и формите и да креира свој дијалог на современата егзистенција – вели Синиша Новески

Катка биографија за уметницата:

Александра Димитрова е родена во Кочани 1986 год. Во 2001 година се запишува во средно уметничко училиште, ДСУПУ „Лазар Личеновски“ во Скопје, на одделот Применето сликарство. Веднаш по завршување на средното образование во 2005 година продолжува на ФЛУ во Скопје на одделот Сликарство со конзервација и реставрација. Во 2011 год. магистрира на ФЛУ во Скопје. Во 2024 година ги започнува своите докторски студии на НХА во Софија, Р. Бугарија. Учесник е на многу ликовни колонии, семинари, симпозиуми, организации на ликовни настани и на многу групни изложби во и надвор од својата држава. Досега има остварено многу самостојни проекти, работилници и 12 самостојни изложби во Скопје, Штип, Кавадарци, Кочани, Неготино, Пробиштип, Крива Паланка и др. Од 2009 г. e член на Друштвото на ликовни уметности на Македонија – ДЛУМ во Скопје. Од 2023 година е член и на Друштвото на ликовни уметности на Битола – ДЛУБ. Од 2017 година активно работи и изработува современи мозаици во соработка со Здружението од Скопје „Добре дојде Macedonia Welcome Centre“. Моментално работи во НУЦК „Бели мугри“ – Кочани. Oд 2015 година e стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн, а воедно работи и како професор по ликовна уметност во Училиштето за цртање и сликање при НУЦК „Бели мугри“ – Кочани. Со ова училиште има реализирано многу проекти, ликовни работилници, многу изложби и ликовни перформанси.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.