Изложбата на фотографии “75 за 75” од Каролина Мицевска, во четврток пред прилепчани

На 5 јуни 2025/ четврток/ од 19.30 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „75 за 75“. Автор на проектот е м-р Каролина Мицевска.

Ќе бидат изложени 75 фотографии на канвас, на која ќе бидат претставени претстави кои оставиле белег во децениското постоење на театарот „Војдан Чернодрински“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во програмата за 2025 година.

За проектот
75 за 75 ( 75 фотографии за 75 години театар „Војдан Чернодрински“)

Tеатарот „Војдан Чернодрински“, 75 години опстојува, и ќе опстојува, раскажувајќи ни за минатото, сегашноста, но фокусирајќи сé на иднината. Од сите уметности само Театарот е директен посредник со публиката и затоа ни е насушно потребен. Тој е светлина сам по себе, што свети од сите страни и е препознатлив за секој човек. Целта на театарот во сите времиња била и ќе биде, како што вели Хамлет „… да стои, како огледало пред природата, да ја покажува добродетелта со нејзиното вистинско лице, како и гадоста, на секој век во историјата – со неговиот неразубавен облик…“

А, нашиот театар, навистина низ децениите растејќи, развивајќи се, беше различен и преку претставите отвораше многу прашања, коментираше, просветлуваше, возбудуваше, откриваше, воспоставуваше систем на вредности, брануваше…

Досега се прикажале над 350 премиери, се одиграле повеќе од 7000 претстави, кои ги гледале на 1,7 милиони луѓе. Меѓу првите театри започна со поставување на домашните драмски текстови, па на сцената праизведби доживеале текстови од македонските драмски автори – Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески….

Иако, театарот „Војдан Черндорински“ од 2004 година е дел од ЦК „Марко Цепенков“, сепак е драгоцено место кое раскажува приказни кои остануваат трајно врежани во историјата не само во градот, туку и во македонскиот театар.

За одбележување е што низ годините најмногу претстави режирал Благода Дамевски, вкупно 62, а по 24 пати на претстави се потпишале Коле Ангеловски и М. Стефановски. Поставени се 282 текстови, кои ги режирале 70 режисери. Авторот Б. Њушиќ е поставуван 15 пати, од кои три пати – текстот „Нажалена фамилија“, и тоа во период 1950/51, 1962/63 и 1984/85. По 8 пати на сцената се поставувани текстови од Иљовски и Хаџиќ, па потоа Фејдо….За дел од претставите се освоени награди на меѓународни и домашник фестивали.

Театарот „Војдан Чернодрински“, како една од институциите со најдолга традиција во градот, низ годините има богата архива од текстови и фотографии од претстави.Фотографиите од претставите се уметност, преку кои театарот низ времето ја пренесувал, односно ја раскажувал приказната, што се случувало на сцената. Тие беа редовен сопатник на секоја претстава одиграна на сцената од театарот. Илјадници фотографии, се дел од архивата на театарот „Војдан Чернодрински“ , која се дигитализира и ќе биде достапна за јавноста. Мал дел од тие фотографии, почитувани, сега се пред вас. Заради симболиката, 75 години театар, одбравме 75 фотографии да ја отсликаме 75 годишнината од опстојот и растежот на театарот. На поставката со фотографии на канвас, презентирани се моменти од претстави наградувани низ годините, претстави кои оставиле белег во историјата на театарот „Војдан Чернодрински“ и од претстави кои биле најдолго на репертоарот и биле најгледани.

Се надеваме дека со овој избор, преку фотографијата, ви ја доближивме историјата на театарот „Војдан Чернодрински“, со која Прилеп и прилепчани се гордеат – вели авторот на проектот м-р Каролина Мицевска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.