Изложбата ,,Минливи секвенци,, од Маја Јаќимовска во Прилеп

%d0%bf%d0%be%d0%ba%d0%b0%d0%bd%d0%b0

Во петок 30 септември 2016 во 20.00 часот во галеријата од ЦК,,Марко Цепенков,, ќе биде отворена изложбата ,,Минливи секвенци,, од Маја Јаќимовска. Уметницата ќе се претстави со 20 дела.

Биографија

Маја Јаќимовска родена на 09.05. 1991 во Крива Паланка. Дипломиран сликар со модул графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности во Скопје -2014 год. Во тек втор циклус на студии на Европскиот Универзитет во Скопје, На факултет за Арт и дизајн – насока графички дизајн. Добитник на втора награда на VII Студентско Интернационално Арт Биенале. Учествува на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Групни изложби 2016 „19 Меѓународна изложба на минијатура“, Запрешиќ, Хрватска; 2016 „Млади кривопаланечки уметнци“-групна изложба, Градски музеј, Крива Паланка; 2015 Годишна изложба на Европски Универзитет, КИЦ; 2015 „Paratissima Skopje“- Интернационален саем на современа уметност, МКЦ; 2015 „Youngart 2015“ Мултимедијален центар Мала станица, Скопје; 2014 II Меѓународна изложба на мал формат, Galerija DKV, Novi Sad; 2014 „Paratissima Skopje“- Интернационален саем на современа уметност, МКЦ; 2013 VII Студентско Интернационално Арт Биенале, SIAB, Скопје; 2013 Групна изложба на уметничка фотографија, Градски музеј, Крива Паланка; 2013 Изложба на дела од 27 колонија манастир „Св. Јоаким Осоговски“; 2013 I Меѓународна изложба на мал формат, Културно-информативен центар „Младост“ Нови Сад. Точката од којашто тргнува младата авторка Маја Јаќимовска во конципирање на својот творечки циклус со наслов “Корекции“ претставува една фасцинација од ефектите на артифициелното светло во ноќните услови како еден феномен којшто го продуцира човекот за своите потреби. Со таа пракса, всушност, современиот човек го покажува своето присуство во просторот во вечерните часови кога природната видливост е многу мала и кога треба тој негов хендикеп на суштество програмирано со природни предиспозиции за делување во дневни услови да се надмине и овозможи непречено опстојување и работење во ноќниот период. Дамнешниот стремеж за компензација на сончевата светлина и создавање услови за дејствување на човекот и во вечерните часови во последните 50-тина години е успешно решен со извори на светлина базирани на електрична енергија, но и на други извори. Но, она што е интересно за нашата тема се визуелните сензации коишто ги предизвикува ова светло и разните конотации и контексти коишто можат да се конектираат на оваа појава, толкувањата на истата како и нејзината интерпретација што, всушност, е и основната носечка идеја на концептот што се обидува да го развие авторката Маја Јаќимовска. Правејќи анализи и опсервации на ноќните вештачки светла, притоа користејќи го и фотоапаратот како алатка за снимање на определени состојби, Јаќимовска успева да искреира свој ментален виртуелно-визуелен простор којшто ќе ѝ овозможи да отиде и чекор понатаму, а тоа е можноста преку модификација, конструкција, креација, деструкција да интерпретира и материјализира еден сликарски простор што ќе стане оригинален израз на нејзините напори за споделување на еден интимен творечки опус со пошироката публика. Комбинацијата на емпириското доживување на ноќните светла базирани на бавноста на окото и очитувањата на истото во коешто движечката светлина формира линии во темнината, со интуитивното градење на тој линеарно-светлосен универзум продуциран од менталниот проектор на авторката, се добива една визуелно атрактивна ликовна творба во која не постои хиерархија во смисла на поставеност на објекти (коишто, патем, се отсутни и во реална и во апстрактна форма). Впрочем, и не е чудно говорењето на оваа авторка преку линијата како основно изразно средство ако знаеме дека нејзината специјалност е графичкиот дизајн. Повеќе изненадува, во позитивна смисла, појдовната основа и идејата за реализација на еден ваков проект како и третманот на колоритот преку кој е доловена светлината во сите свои нијанси и варијации на линеаризирана и геометризирана енергија којашто ѝ пркоси на темнината. Се надеваме дека таа творечка енергија на Маја Јаќимовска ќе биде почувствувана и од страна на евентуалните конзументи на оваа најнова творечка продукција – дела на авторка којашто допрва ги прави своите посериозни чекори на македонската ликовна сцена.

Роберт Цветковски, историчар на уметноста




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.