Изложбата „Лирско интермецо“ од Љупка Галазка Василев во Прилеп

„Лирско интермецо“ е изложбата од уметницата Љупка Галазка Василев отворена синоќа во ликовната гакерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Поставката содржи 15 дела, насликани во техника акрил и комбинирана техника на платно, создадени во последните неколку години.

Изложбата е колаж од сликарски секвенци преку кој се материјализираат нашите стравови, копнежи , желби и очекувања. Делата се отсликување на човечката душа, нежна и кршлива, а во исто време толку моќна.

Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека делата од Галазка Василев се богати со имагинација и метафоричен јазик.

– Во лирските асоцијативни композиции разновидните форми создаваат раскошен наратив прераскажан на автентичен личен начин. Низ асоцијативните композиции се преплетуваат многубројни хроматски и ахроматски линии и површини кои се разликуваат според својата големина, Слободната креативна игра е збогатена со многубројни колоритни форми кои се движат во различни насоки. Авторката создава ликовно единство во слободните композиции со примена на контрасти, градација и повторување на линијата, бојјата и формата – посочи Димеска.

Љупка Галазка Василев, дипломирала на Ликовната академија во Софија, професор е по ликовна уметност во Струмица, досега реализирала повеќе групни изложби, а била автор на десетина самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувала на бројни ликовни колонии и на едукации.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.