Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, со особена чест и задоволство, ве кани на едно инспиративно и уникатно литературно-уметничко „пловење“ облагородено со доза на филозофска длабочина со прилепската уметница Александра Ацеска.
Изложбата и промоцијата на книга насловено „FLOW“ од Александра Ацеска ќе се случи на 14 август 2025 /четврток/ од 20.00 часот во Ликовната галерија.
„Flow го истражува патот на животот преку водата. Проектот е составен од уметнички дела, како и уметничка книга која се состои од неколку приказни инспирирани од искуството на уметницата во Кина и четири жени чии патишта се спојуваат и разидуваат, во периоди на промени, интроспекции и созревање. Flow ја следи филозофијата дека животот, како водата, е постојана промена. Тоа е потсетник дека отпорноста, радоста и рамнотежата не се дестинации, туку текови што ги учиме“, вели Ацеска за својот уметничко-литературен концепт и проект.
Разговорот со Ацеска ќе го води Иван Ивановски, а промотор на книгата „Flow“ ќе биде Филип Димкоски.
Модератор – Александар Еленин.
Александра Ацеска (1994) е родена во Прилеп, а живее и работи во Фошан, Кина. Во 2017 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности Скопје, отсек сликарство и графички дизајн, и на ФМУ во 2023 магистрирала сликарство. Имала неколку самостојни изложби, учествувала во голем број групни и е добитник на домашни и меѓународни награди.