На 26.12. (петок) со почеток од 19:00часот, во Ликовната галерија на НУЦК “Марко Цепенков”, ќе биде отворена изложбата “Балканскиот јунак Марко”.
Годинава се одбележуваат 690 години од раѓањето и 630 години од смртта на Крал Марко (околу 1335 – 17 мај 1395), последниот крал кој владеел со поголемиот дел од Македонија. Крал Марко е значајна историска личност, но и најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и кај другите балкански народи.
Изложбата ги следи „трагите“ што Марко ги оставил низ Балканот и пошироко, како и традицијата што се негува низ различни форми – фрескоживопис, записи и натписи, литературни и ликовни дела, топоними, музејски експонати и други сведоштва поврзани со неговото присуство во културното и општественото живеење. Сето ова е претставено преку текстуален материјал и богат фото-документациски приказ, кој се очекува да предизвика голем интерес кај јавноста.
























