Со особено задоволство го најавуваме отворањето на мултимедијалната изложба „Автопортрет“ на академскиот уметник Дарко Талески. Овој несекојдневен уметнички настан ќе се одржи на 20 јуни 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Изложбата „Автопортрет“ претставува интерактивно мултимедијално дело, кое ја истражува темата на индивидуалниот идентитет и себесознавањето. Преку уникатниот пристап на користење „магично“ огледало – дигитално платно на кое се проектираат прашања и анимации – посетителите ќе бидат поттикнати на интроспекција и создавање на сопствен, динамичен автопортрет.
Оваа изложба ја става уметноста во дијалог со технологијата, поврзувајќи ги мислите, емоциите и визуелните стимули во жив, променлив процес на интеракција.
Дарко Талески, уметник со долгогодишно искуство и иновативен пристап кон мултимедијалната уметност, во ова дело нуди платформа за сите посетители да размислуваат за сопствениот идентитет и да учествуваат во креативен процес кој е истовремено личен и универзален.