Излезе од печат збирката песни „За копнежот, љубовта и зборот“, од прилепчанката Марија Кулеска

Збирката на песни „За копнежот, љубовта и зборот“  од писателката Марија Кулеска излезе скоро од печат.

Марија е поет, писател, професор и лингвист. Ова е нејзина прва поетска збирка. По своето дипломирање, на 22 годишна возраст, на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата за  англиски јазик и книжевност, активно се занимава со писателска дејност. Во 2020 година го издаде својот прв роман „ Холограм од емоции “.

За оваа збирка писателката ќе каже:

„Овие стихови се одраз на доживување кое продира низ духот на индивидуалното и го пренебрегнува времето и просторот. Ги допира копнежите на човек. Го соединува парадоксалното во едно. Како да љубиме и да сме слободни? Како да копнееме, ама копнежот умствено да го  усмеруваме? Оваа збирка е
милување на душата и бранување на емоциите. Поетскиот израз импонира со цел да ослободи од монотонијата и бессмисленоста на секојдневниот навик. Имено, поезијата е чувствување на пулсирањето на жиличките, кои се под површината на човековото постоење. Поезијата е разденување на душата и зората на страственоста кон самото живеење. Таа е разлистување на самите копнежи како што кажува и самиот наслов. Љубовта е она што човек го остава како завештание зад себеси. Зборот е животворна сила со која човек гради сводови од копнежи, љубов и мненија. Зборот го допира интимното во поетот. Тој е одраз на најинтимниот дијалог кој човек го води со себеси.“
Промоцијата ќе биде на 15-ти април во 18 часот во кино салата Мис Стон. Промотор е професорката Сузана Николоска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.