Загорани се наоѓа во Прилепско Поле, југозападно од градот Прилеп. Селото се наоѓа на граница меѓу возвишението Шипковица на југоисток и низински дел на северозапад. Околни населби се Веселчани, Чепигово, Тројкрсти и др. Куќите се групирани во три маала: Горно, Црквенско и Долно.
До селото се пристигнува преку стариот пат за Битола, каде доколку доаѓате од Прилеп, се врти десно веднаш под депонијата Алинци.
По тесниот пат најпрво се стигнува до Веселчани, а веднаш потоа е и Загорани. Манастирот Св. Никола е оддалечен на само 500 метри над селото, а околу него изобилува зеленило.
Она што е интересно е дека околу манастирот, а и во неговите темели, се забележуваат остатоци од некое дамнешно време.
Локалните жителите велат дека на тоа место имало ранохристијанска базилика, а црквата е градена на тие темели.
Вчера пак на денот кога се празнува пренесувањето на моштите на Свети Николај во Бари, или кај народот познат како Летен Свети Никола, во манастирот вриеше од народ.
Мештаните и жители од околните населени места, како и од Прилеп и подалеку, ја славеа манастирската слава.
Беше убаво, со македонска музика и оро, се редеа песни и сите беа среќни и задоволни.