Изгледа живееме во различни држави: Никој не е посилен од државата, разбиваме криминални групи градени 30 години, вели Спасовски

Министерот Оливер Спасовски во интервју за „Фокус“ запрашан дали МВР има информации за прегрупирање на криминалните групи во освојувањето на наркопазарот, а во врска со последните неколку пресметки во кои беа убиени неформални лидери на криминални банди, потенцираше дека најважната работа е што МВР сериозно се насочи кон криминалните групи и сузбивањето на криминалот во државата.

„Без никакви калкулации и најефикасно работиме во сузбивањето на било која од тие криминални групи што делувале не само сега, туку делувале и биле градени изминатите 30 години по независноста на Македонија и најмногу простор им се даде во делот на функционирањето на режимот. Паднаа во вода кажувањата дека едните или другите групи, не знам – од Грчец, од Арачиново, Сарај, Чаир итн. – не биле процесуирани. Во последните месец дена три најголеми криминални имиња се уапсени и одведени пред лицето на правдата“, рече Спасовски појаснувајќи дека станува збор за три лица поврзани со случајот ‘Планина’, кои беа од кланот Грчец. Тој додаде дека врз основа на сите обезбедени докази, МВР жестоко се бори против криминалните структури, а тоа е задача и на оперативната акција „Безбеден град“ и на сите активности што беа преземани во изминатиот период. „Нема да има пардон за никого и во ниту еден момент“, истакна министерот Спасовски.

За наводните информации дека нарко-групата „Барон“ периодов зема замав и дека уапсените за двојното убиство во „Шиша бар“ се припадници на оваа група, министерот Спасовски објасни дека штом се уапсени – веќе не постои група, таа е разбиена.

„Важно ми е дека секој еден кој смета дека е посилен од државата, длабоко мора да се разочара, затоа што нема посилен од државата – ни криминалец, ни функционер, ни граѓанин, никој не може и не смее да биде посилен од државата“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.