На денешната 6-та седница на Советот на Општина Прилеп, со мнозинство гласови беше поддржан и усвоен Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, кој изнесува 2.472.428.114 денари или во споредба со Буџетот за 2025 година е повисок за 411.061.175 денари.
На денешната седница беше усвоена и Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, Предлог-одлуката за определување на висината на благајничкиот максимум, како и буџетскиот календар на Општина Прилеп за 2026 година.
Со мнозинство гласови беше усвоена и Програмата за субвенционирање на јавните комунални претпријатија основани од ЕЛС Општина Прилеп за 2026 година.
Советниците гласаа и ги усвоија предложените програми за работа и развој со инвестициони вложувања и финансиските планови на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, ЈП за ПУП Прилеп, ЈКП „Пазари“ – Прилеп и ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, за 2026 година.
Беа разгледани и усвоени: Програмата за управување со отпад на територијата на Општина Прилеп, Програмата за одржување на јавна чистота, Програмата за одржување и користење на паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини, Програмата за подигање и одржување на зеленило, како и Програмата за работа и одржување на градските гробишта и капела, за 2026 година.
На оваа 6-та седница на Советот на Општина Прилеп беше усвоена и Програмата за зимско одржување и функционирање на зимската служба на подрачјето на Општина Прилеп за сезоната 2025/2026 година.
Она што е клучно, беше усвоена и Програмата за работа на Советот на Општина Прилеп за 2026 година, како и Програмата за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита на Општина Прилеп за 2026 година.
Програмата за обезбедување оброк за учениците во прво, второ и трето одделение од основните училишта во Општина Прилеп за учебната 2025/2026 година, Програмата за доделување еднократна парична помош за новороденче за 2026 година, како и Програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести во 2026 година, беа дел од едногласно усвоените проекти.
Програмата за спорт на Општина Прилеп за 2026 година, Програмата за образование во Општина Прилеп за 2026 година, Програмата за култура – фестивали и манифестации, Програмата за култура – одбележување значајни настани, личности и празници, Програмата за култура – капитални инвестиции за 2026 година, како и Програмата за доделување награди за најдобар наставник во одделенска и предметна настава во општинските основни училишта и најдобар наставник во средните општински училишта во Општина Прилеп, како и доделување награди за најдобар воспитувач и најдобар неговател вработени во ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп, беа дел од одлуките што советниците ги изгласаа за реализација во 2026 година.
Новина е тоа што од идната година ќе се доделува еднократна парична помош од 3000 денари, за секое запишано прваче во основните училишта на Општина Прилеп, за учебната 2026/2027 година.
Предлог-програмата за поддршка на локалниот економски развој за 2026 година, Предлог-програмата за активностите на Општина Прилеп за ревитализација по елиминирање на кризата во областа на заштита и спасување во 2026 година, како и Предлог-одлуката за давање на трајно користење на движни ствари на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, беа дел од одлуките за кои денеска гласаа советниците на 6-та седница на Советот на Општина Прилеп.
























