Извозот од Зоните годинава ќе биде поголем од лани за над 15%

Со зголемувањето на странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони во Штип, расте извозот но и креирањето на нови работни места. Според директорот на ТИРЗ Виктор Мизо во првите седум месеци од годинава извозот од Зоните изнесува 820 милиони евра и е поголем за 25 % во однос на истиот период лани. До крајот на годинава се очекува за над 15 % поголем извоз во однос на претходната година, пишува Лидер.

-Во првите седум месеци од годината, извозот на компаниите лоцирани во ТИРЗ-овите изнесува над 820 милиони евра, што претставува зголемување од 24 проценти споредено со истиот период 2014 година. Бележиме континуиран раст на креираните работни места, во 2015 година проектирана е бројка од околу 5.000 реализирани вработувања во компаниите лоцирани во ТИРЗ-овите. Во првите седум месеци најголем дел од зголемувањето на извозот се бележи од работата на веќе постоечките компании, тука би ги истакнал Џонсон Мети, Џонсон Контролс во Штип, Ван Хоол, Кемет во Скопје, но очекувам засилување на извозот во втората половина на оваа година со Техникал Текстајл, како и отпочнување на КСС, ОДВ Електрик, Гентерм дополнително да влијаат врз зголемување на извозот. Иако овие проекции беа дека за разлика од минатата, годинава ќе имаме зголемување за 10 до 15 %, таа бројка ја имаме надмината и до крајот можеме да збориме за зголемување на извозот за 30 %, изјави Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.

Почна со работа Техникал Текстајл во Штип

Вчера во ТИРЗ Штип почна со работа германската компанија “Техникал текстајл“, инвестиција чини околу 15 милиони евра, а во неа ќе се произведуваат повеќе компоненти од фиберглас кој има широка примена во градежната, авионската и автомобилската индустрија. Ова е втора компанијата во Зоната во Штип. Активно работи Џонсон Контролс, а наскоро и италијанската компанија Кондево ќе започне со активности на средината на идниот месец. Нивната градба треба да заврши кон средината на идната година, но неколку месеци пред тоа ќе започнат со вработување на нови лица со тренинг и обука. Ќе се отворат 250 нови работни места.

-Тоа се одлични раздвижувања за штипскиот регион. Локалната економија веќе ги чувствува влијанијата на новите инвестиции. Пред неколку месеци се отвори и новата фабрика на „Актива“. Оваа фабрика е во директна врска со белгиската инвестиција на „Ван Хол“ која успеавме да ја привлечеме во изминатите години. Веднаш до новата фабрика на „Актива“ во наредниот период очекуваме изградба на уште една фабрика, овој пат на германската компанија „Семак Фешн“ која во таа зона има купено земјиште од околу 35.000 метри квадратни. Ако некогаш Штип беше град во кој фабриките се затвораа, денес сведочиме на обратен тренд. Денес штипскиот регион е претворен во едно големо градилиште. Се градат голем број објекти, се отвораат фабрики, луѓето се вработуваат, процентот на невработеност полека, но сигурно се спушта надолу, а сето тоа влијае за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Тоа е голема сатисфакција за нашата досегашна работа, рече Никола Груевски, премиер на Р. М

“Јас во месец мај минатата година бев во авион кон Абу Даби за да потпишам договор за изградба на нова производствена хала, односно токму оваа во која сега се наоѓаме, а требаше да биде изградена во Абу Даби. Тогаш во еден светски економски магазин прочитав мал прилог за Македонија. Се нудеа добри можности за инвестирање. Затоа веднаш решив да го сменам авионот и да заминам за Македонија за да се информирам подетално за инвестирање во вашата земја. Имаше и други земји во кои се нудеа и можевме да добиеме субвенции од Европската унија, односно други големи финансиски поддршки. Тоа во Македонија беше можно само во ограничени рамки, но Македонија покрај другото нуди многу мотивирани работници, голем потенцијал на соработници, многу силна општинска и државна поддршка и многу други работи. Токму ова ја направи локацијата Македонија за нас многу интересна, па оттука тука ние преку Германско-македонско стопанско здружение стапивме во контакт со г. Мизо, а тој со својот тим ни дадоа многу детални информации за можностите за отворање на производствен погон во слободните индустриски зони. Јас многу брзо бев убеден од сета понудена програма и веднаш започнавме со голема брзина да работиме на проектот, рече Јенс Вендланд, сопственик на Техникал Текстајл

До каде се активностите на останатите компании во зоните ?

“Одв Електрик минатата недела ги започна сите подготвителни активности во ниваната нова локација во охридско струшката технолошко индустриска развојна зона и во втората половина на месец септември ќе ја официјализираме почетокот на градбата. Во случајот на КСС тие го привршуваат нивниот обејкт во зоната во Кичево, нормално активно работат веќе на тест-производството во браунфилд објектот во центарот на Кичево и во втората половина на месец септември ќе почнат да ги инсталираат машините. Гентерм исто така започна со градба и се очекува на средината на месец септември да дојде првата компанијата за која ги изработуваат производите да направи увид на нивното производство , а во случајот на Леар тие ги завршуваат потребните активности за адаптација на браунфилд објектот во Гостивар и во блиска иднина ќе ги започнат активностите со значи, изградба на нивниот објект во ТИРЗ Тетово“ изјави Мизо.

Според пресметките годинава се очекува драстично да расте бројот на нови работни места со отпочнување на работа на овие компании и да достигне до 5000 работни места. Во наредните две до три години бројката на компаниите инвеститори нема само да влијае врз зголемување на извозот туку и ќе биде генератор на нови работни места, истакна Мизо.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.