Пишува Филип Георгиески
Во Античка Грција или поконкретно Атина, во облик на “владеење на народот” е воспоставено првото демократско уредување како нова форма на управување со државата. Секако, атинската демократија постепено се развивала – односно во 7 различни етапи, за да се дојде до моментот кога сите слободни луѓе ќе имаат право да одлучуваат за најважните прашања во полисот. Атина е лулката на демократијата која ги поставила темелите на демократијата во нејзината најсовремена форма која се развива многу покасно – кон крајот на 17-ти век како резултат на калвинистичкото религиозно движење во Англија, Шкотска и Холандија.
Одлуките во полисот ги донесувале сите слободни мажи – сите Атињани со чисто потекло, чии родители се исто така со потекло од Атина. Се барало од сите луѓе кои ги исполнувале овие услови да гласаат, без оглед на тоа за кого гласале. Оние кои што одлучиле да не гласаат и воопшто да не придонесуваат за политичките процеси во полисот биле јавно етикетирани и нарекувани идиоти. Според тогашните сфаќања, ова биле луѓе кои се грижат само за личните потреби и ги оспоруваат потребите на општеството околу нив, па со текот на времето, зборот идиот еволуирал во денешната употреба.
Денес, земајќи во предвид дека токму тие кои се наоѓаат од другата страна на приказната, се луѓето што ја уништуваат државата – не наведува да помислиме дека зборот идиот целосно го променил своето значење. Оттука и прашањето: Кои се полоши, идиотите по дефиниција или идиотите во политка? Најверојатно одговорот би бил различен, во зависност од оној кој што го чита прашањето.