Играл во четврта лига за плата од 225 евра и работел како келнер, а денеска настапи на Европското првенство во Германија

Една од најневеројатните приказни на ЕП 2024 во Германија е поврзана со репрезентацијата на Словачка.
Вернон де Марко Морлаки е 31-годишен Аргентинец, а на ЕП настапува за Словачка.

Она што е особено впечатливо е патот по кој тргна да ги оствари своите фудбалски соништа и да дојде во ситуација да игра на ЕП.

Неговото семејство побегнало од Аргентина во 2001 година по „аргентинската голема депресија“ и се преселило прво во Австрија, а потоа во Шпанија.

Во Австрија Де Марко ја започнал својата „љубовна врска“ со фудбалот, иако најпрвин тренирал кошарка, но одлучил дека во иднина ќе игра само фудбал.

-Ја напуштив Аргентина кога имав десет години и почнав да играм фудбал на 12 години, пред тоа тренирав кошарка“, признава тој за „Добл Амарила“.

Неговиот живот во Мајорка не бил лесен, тој играл аматерски фудбал во ЦЕ Констанција каде заработувал само 225 евра месечно.

-Бев активен во шпанската четврта лига и платата ми беше мизерна. Заработував 225 евра месечно и едвај ги покривав патните трошоци, изјави Вернон, кој почнал да го комбинира фудбалот со други работни места.

-Сакав да живеам сам и почнав да работам како келнер во хотел. Дури размислував да го напуштам фудбало“, додаде тој.

Сепак, пресвртница во неговиот живот се случила во 2012 година, кога добил повик кој му го променил животот.

-Беше среда околу 23:00 часот, бев во кино со пријателите и ми се јави агентот да види дали сакам да си ја пробам среќата во втората лига на Словачка. Морав да ја погледнам светската мапа за да ја најдам Словачка, се присетува Де Марко на своите почетоци.

И по потписот за Землин Михаловце се тргнало во добар правец, па во 2015 година беше унапреден во повисок ранг, а една година подоцна потпиша за големиот Слован Братислава.

Потоа следеше преселба во Лех Познањ во 2017 година, за да се врати во Слован четири години подоцна и да добие словачко државјанство.

Тој дебитираше за репрезентацијата на Словачка и постигна гол на дебито против Малта каде победија со 6:0.

-Тоа беше неверојатен момент. Веднаш по голот не ни верував, мислев дека сонувам. Среќен сум што победивме, но и поради моето деби за репрезентацијата. Многупати го сонував овој момент и конечно се оствари, призна Вернон по неговото деби.

Неговиот живот од корен се променил, па сега игра за Хата во Обединетите Арапски Емирати и е подготвен за првиот настап на ЕП.

„Горд сум што дојдов овде, особено кога гледам низ што сум поминал, особено кога играв во Михаловац“, додаде тој на крајот.

Неговиот договор со актуелниот клуб истекува по еврото во Германија, а досега одигра десет натпревари за репрезентацијата на Словачка и постигна гол.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.