Преку соопштение утрово, СДСМ имнформираше дека Централниот одбор на партијата донел Одлука, за формирање на работна група за продолжување на разговорите со ВМРО ДПМНЕ, како и со сите други парламентарни политички партии за уставните измени.
-Централниот одбор на СДСМ му дава апсолутна поддршка на претседателот на партијата, Димитар Ковачевски и формираната работната група, предводена од генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ Вардарски, да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата – информираат од СДСМ.
Според неофицијални информации член во оваа работна група е и Ивона Кузмановиќ од Прилеп, инаку советник во Советот на општина Прилеп и член на Извршниот одбор на владеачката партија. Доколку информациите се точни, пред младата Кузмановиќ е сериозен процес, во кој таа треба да се изгради како иден кадар на партијата од Прилеп, затоа што градот под Марковите Кули пред неколку дена остана и без последниот директор на државна институција, откако Хари Локвенец си даде оставка од директорското место во Железници – инфраструуктура.