„Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Речиси нема член во тој закон во кој не е прекршен Уставот на Република Македонија. Законот е усвоен во Собранието вон секоја процедура и надвор од надлежните тела“, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во денешното Годишно обраќање пред Собранието на Република Македонија.
-Надминат е предвидениот законски рок, злоупотребено е европското знаменце, а не е консултирана ниту Венецијанската комисија. Законот го вратив без да го потпишам и тоа со низа забелешки. Парламентарното мнозинство ги игнорираше моите забелешки но и ставовите на стручната јавност и опозицијата, рече претседателот Иванов.
Изразувајќи почит кон албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот и бошњачкиот народ, Иванов истакна дека македонскиот јазик е комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството.
-Македонскиот јазик е lingua franca благодарение на кој меѓу себе се разбираат припадниците на различните заедници. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик. Доколку противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш Македонскиот веќе нема да биде lingua franca што ќе го обединува македонското општество, рече претседателот Иванов во годишното обраќање пред пратениците.