Бадник или Коледе е денот пред раѓањето на Исус Христос (Божик), a според христијанската традиција суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.
Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24 декември, додека пак според Јулијанскиот календар секогаш е на 6 Јануари. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.
Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенското значење – да бидеш буден.
И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.
Кога станува збор за обредните елементи поврзани со Бадниот ден и Бадник, мора да се има предвид дека тоа се комплексни обичаи кои се случуваат неколку ден пред Бадниот ден, но и по него и сврзани се со обележување на раѓањето на Исус како симболза новото Сонце – новата година.
Самото најавување на доаѓање на новото божество започнува на Св. Игнат. Од тој ден па се до Бадна вечер нашите предци палеле оган среде село и на врвовите на брдата за да го осветлат патот, како божеството не би го заобиколило нивното село.
На ден пред Бадник ритуално жените се подготвувале за месење на обреден леб (се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, кој што го нарекувале Божја брада) и се чувал поврзан со црвени конци. На тој ден се одбира и домашно животно кое ќе биде „жртвувано“ за Божик, како и опрема за сечачот на Бадникот.
Во најголем дел кај Јужните Словени, како традиција за Бадник е сечење на младо дабово дрво, сер, а поретко бука или ела. Најчесто се сечел еден бадник, но во некои краеви се сечеле и три, а забележано е и сечење на девет бадници во Херцеговина. Постои и специфичен обичај да се сечат гранки според бројот на машките членови на семејството.
Сечење на Бадникот е обвиткано со многу строги обредни правила: по Бадникот се одело рано наутро и најчесто одел домаќинот. Бидејќи одење по бадниково дрво представувало еден од најважните чинови, домаќинот бил облечен во нова облека.
Сечачот на Бадникот пред сечењето не зборува, а кон Бадникот пристапувал со поздрав и обраќање за на тој начин го побратими или велича бадникот. Бадниково дрво се сечело секогаш од источната страна. При сечењето се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни апотропејни моќи.
Бадникот не се внесува во куќата се до првиот самрак и најчесто се оставал потпрен на ѕид.
Внесување на бадникот е проследено со обредно внесување на сламата и сито кое е наполнето со суви овошја со кои се посипувал бадникот, а потоа со ситото се ставало на трпезата или до огништето.
При внесувањето на Бадникот домаќинот ги поздравува домашните, а тие го поздравуваат Бадникот со благослови. Одејќи со сламата низ куќата домаќинот ја имитирал квочката, а домашните го следеле со ономатопеја на пилињата. На тој начин се барала подршка од натприродните сили за благосостојба и плодност.
По вечерата Бадникот се ставал во огниште да гори и најчесто домашните го чувале цела ноќ. Во некои краишта Бадникот се полевал со мед, во други на него се ставала златна пара. Во некои краишта, Бадникот не се оставал да догори до крај и неговиот остаток се чувал како силен апотропеон за болести, заштита од штетници и слично.
Името на Бадникот доаѓа од зборот бдеење, кое било својствено за практиката бадникот да гори цела ноќ со што неговите моќи се пренесувале на огништето кое го симболизирало семејството и напредокот.