ЗНАМ доби две заменички министерски места – Еве кои се имињата

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која информираше за донесените одлуки на Централниот одбор во однос на предлог кандидати за заменици министри од редовите на Движењето во Владата на Република Македонија.

Портпаролот на Движењето, Никола Мемов, рече дека Централниот одбор со едногласно донесена одлука за кандидати за заменици министри ги утврди:
– за заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини – г-н Мирослав Лабудовиќ,
– за заменик министер за дигитална трансформација – г-н Радослав Настасијевиќ Варџиски.

„Согласно Платформата за преговори за учество на Движењето ЗНАМ За наша Македонија во Владата и програмските приоритети, Движењето ЗНАМ во
владата учествува со свои министри во Министерството за правда и во Министерството за јавна администрација, како и со двајца заменици
министри во Министерствата за дигитална трансформација и Енергетика, рударство и минерални суровини “
, рече Мемов.

Тој исто така ги информираше новинарите и јавноста дека на седницата на Централниот одбор се дискутирало и околу процедурата и роковникот за оформување на новите општински организации на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија кои треба да се заокружат до крајот на годината.

Мемов рече дека во последниот период има значителен интерес на пристапување на нови членови во ЗНАМ, кои се разочарани од раководството
на СДСМ, речиси во сите градови во Македонија.

“Во оваа прилика ги охрабруваме граѓаните по слободна волја да пристапат во канцелариите на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија“, рече тој.

Запрашан каков е ставот на Движењето во однос на употребата на албанското знаме од страна на албанските политичари во владата, Мемов
одговори:

„Во оваа прилика би сакал јавно да се заблагодарам на Вас медиумите што го отворивте ова прашање во јавноста во интервју со Претседателот на Движењето ЗНАМ, г-н Максим Димитриевски. Движењето ЗНАМ во разговорите со ВМРО ДПМНЕ за наше учество во владата ги дефинираше основните принципи и начела за функционирање на владата.Тоа се почитување на Уставот и законите како основен приоритет, исто така сите министри да работат на имплементација на владината програма, да одговараат единствено пред владата и премиерот, а не како до сега да спроведуваат сопствени партиски политики. Движењето ЗНАМ го отвори ова прашање во рамките на владината коалиција.Очекуваме институциите на системот да си ја вршат својата работа и да преземат соодветни мерки за кршењето на законите, без разлика од која страна доаѓаат“.

Портпаролот Мемов нагласи дека Движењето Знам е дел од владината коалиција и нивната улога покрај имплементацијата на нивните приоритетни
политики, ќе има улога на коректор во владата, за работите веќе никогаш да не бидат исти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.