Златното откритие на Гранд Продукција, интервју со Ален Хасанович

За себе вели дека не се чувствува како ѕвезда, иако настапува рамо до рамо со сите познати музички балкански имиња. Скоро и да нема слободно време, настапува ширум државата, Швајцарија, Италија, или како што вели – “Живеам во автомобил”. Aлен Хасанович, е златното откритие на Гранд продукција, а и свежа музичка енергија, која за среќа потекнва од нашите простори. Сите бевме со него за време на минатогодишните Ѕвезди на Гранд, го бодревме и ни возврати со прекрасни настапи. Со Ален разговаравме во ресторанот Гарден Лимитлес во Прилеп, прочитајте повеќе за неговите планови, желби, успеси.

Здраво Ален, добредојде на маркукуле.мк !

Како започна интересот за музиката, дали тоа се случи од мали нозе ?

Интересот за музика започна од кога бев мало дете. Тоа го наследив од мојот татко, кој е музичар и кој имал свој сон, но ете немал доволно услови и не успеал целосно да го оствари тоа што го замислил. Па ете јас со божја помош стигнав до таму каде што стигнав и се надевам дека ќе му го остварам неговиот сон.

Додека растеше, дали имаше други интереси или едноставно од секогаш целосно си и бил посветен на музиката?

До дека растев цело време ја сакав музиката, цело време слушав и свирев музика, од секогаш сум се гледал себеси како музичар, па ете полека го остварувам својот сон. Умеам исто така да музицирам на клавиатури, тоа го стекнав преку моето образование на Музичката академија во Скопје.

Од кого Ален добивал најмногу поддршка низ годините, кој е твојата најголема потпора, нешто што те турка напред?

Моја најголема потпора, се моето семејство, моите родители, посебно татко ми кој цело време е со мене, вложува во мене и му благодарам за тоа. Се надевам дека еден ден ќе му возвратам за тоа.

Кој ти беше првиот посериозен настап, првиот посериозен успех на сцената?

Сум настапувал на многу шоуа низ Македонија, првото такво беше Мојата Ѕвезда на Сител телевизија, потоа Македонски Идол, меѓутоа за Ѕвездите на Гранд не ни планирав да се пријавам, но по иницијатива на блиски пријатели и мојот татко, прифатив. Со тоа видов дека никогаш не треба да се откажувам.

Дали пријавувањето на Ѕвездите на Гранд се должи на немањето на перспектива во нашата држава, како што и се жалат многу естрадни уметници, или се работеше за нов предизвик?

За жал јас имав многу настапи низ нашата држава, но сето беше без поголем успех. Кај нас е тоа така, мораш да заминеш од дома, прво другите да те ценат и видат, па потоа и овде да го увидат истото. Но можам целосно да си ја објаснам причината за тоа, веројатно се работи за менталитет.

Беше ли разочаран поради тоа што не победи?

Не бев разочаран, сметам дека направив голем успех. Првичниот план ми беше да поминам барем еден круг, но како што поминуваше времето истото си го викав и за наредниот и за наредниот круг, и така стигнав до високото четврто место на крајот.

Имаме ли ние како држава потенцијал да изградиме една таква продукција како Гранд, постојат ли квалитетни музичари и луѓе кои би вложиле во нешто такво, грандиозно?

Сметам дека секоја држава, секоја нација може и има сила и квалитет да направи нешто такво од рангот на Гранд продукција, но мислам дека македонските музичари, посебно македонските продукциски куќи не се залагаат доволно. Јас не сакав да чекам повеќе нешто да се промени тука, не сакав да тапкам во место и затоа заминав, и верувам дека не згрешив.

Што доби и што добиваш до ден денес после настапите на Ѕвездите на Гранд, се исплатеше ли?

Се исплатеше во секој случај, добив пред се многу пријателства, ги запознав сите големи музички имиња, за кои сонував од мал некогаш да ги сретнам.

Патуваш многу често, настапуваш во последно време низ многу држави, каков е фидбекот на твоите настапи таму, каква публика оставаш и кои ти се најчестите дестинации?

Патувам често токму така, кога ќе ме прашаат каде живееш јас велам, живеам во автомобилот. Буквално се ми е во автомобилот, облека, обувки …. Најчести дестинации ми се секако Белград, каде ги снимаме емисиите на Гранд, Швајцарија, Италија, ќе се организира најверојатно и турнеја во Австралија, тука се и настапите ширум државата, така да сега за сега сум презадоволен.

Што има Ален сработено зад себе на музички план до сега?

Пред да се пријавам на Ѕвездите на Гранд, имав една песна која се вика “Kад си рекла мене иди”, македонската верзија е “Кога сфатив”, после тоа добив песна и од Гранд која се вика “Ајде ломи” која има многу добра гледаност. Во јануари ќе биде промовирана мојата нова песна, која е мое лично дело и се вика “Продала си љубав” , за која исто така се надевам дека ќе има добар одзив од публиката.

Што подготвуваш наредно во блиска иднина, албум, концерт можеби?

Како што кажав за сега чекам новата песна да излезе, спотот е веќе при крај за истата, за концерт е сеуште рано, бидејќи не се сметам за ѕвезда од тој калибар и сметам дека треба да помине време за такво нешто. Инаку како мои идоли и ѕвезди би ги издвоил Дино Мерлин, Здравко Чолиќ и Жељко Јоксимовиќ, ѕвезди во вистинска смисла на зборот, изведувачи од кои учам. Сепак најголем музички идол ми е Тоше Проески и се трудам да го следам неговиот пат и да постигнам барем половина од неговото дело.

Како си задоволен од домашната публика, домашната поддршка овде во Македонија и поконкретно како си задоволен од твоите Прилепчани?

Задоволен сум, секогаш ми ја даваат својата поддршка, сепак не знам зошто но ретко настапувам во Прилеп. Се надевав дека повеќе ќе настапувам тука, но ете за сега е така, ќе видиме во иднина

Умееме ли да цениме талент за музика, знаеме ли да ги цениме туѓите успеси?

До некаде да, но можеби не доволно. Овде ќе се надоврзам на тоа дали треба да се отвори продукција како Гранд во Македонија, и со тоа да се промовираат уште повеќе музичарите како мене, да се издигнат нашите имиња и настапи на едно повисоко ниво.

Aлен кој е патот до успехот?

Тежок е патот до успехот, треба многу да се работи. За себе не сметам дека сум достигнал голем успех, но да сум здрав и жив, да се здрави и живи луѓето што се покрај мене, со божја помош се надевам дека ќе го остварам својот успех, својот сон, а тоа е да направам некогаш концерт пред 100 000 публика.

Порака до читателите на маркукуле.мк

Читајте го порталот, затоа што се најдобри, благодарам за интервјуто, за пројавениот интерес и ветувам понатамошна соработка со вас.

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.