Здружението “Александар Велики” од Грција со концерт во Крушево

Општина Крушево организира културен настан со меѓународно значење и ги поканува граѓаните и јавноста на концерт на Прогресивното здружение од Воден „Александар Велики“, Република Грција, кое преку богата и внимателно селектирана програма ќе ја претстави својата автентична култура, традиција и музичко наследство.

Концертот ќе се одржи на 18 јануари 2026 година (недела), со почеток во 18:30 часот, во Конгресната сала на хотел „Монтана“ во Крушево.

Настанот е дел од одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на тројцата истакнати грчки композитори – Микис Теодоракис, Мано Хаџидакис и Јоргос Замбетас. Во рамките на тематската програма со наслов „Зорба Гркот“, хорот „Ехото на Водопадите“ ќе ги изведе најзначајните музички дела од нивното богато творештво, додека фолклорно-уметничкото друштво ќе се претстави со традиционални ора од воденскиот регион.

Покрај културната димензија, настанот има и пошироко општествено значење, претставувајќи можност за средба, размена на идеи и унапредување на соработката меѓу присутните гости, со цел подобрување на бизнис-климата во регионот и продлабочување на културните и пријателските врски меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

Од Општина Крушево упатуваат покана до јавноста со своето присуство да го поддржи и збогати овој значаен културен настан.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.