Деновиве не стивнуваат јавувања со реакции на мојот мејл, за здравствениот систем, образованието, како и по објавувањето на моjaтa последна колумна, а во врска со балканските невалидни дипломи, во која е и Македонија, а за што надлежните институции свесно молчат, од причина што во тие невалидни дипломи се вклучени и лица функционери, просветни инспектори, полициски лица, судии во тој образовен криминал. Зошто реагираат Германците?
(Види: Балкански лонец на образовни криминали со невалидни дипломи)
Негрижа за здравствениот систем
Според м-р Гордана Башлиоска, претседателка на здружението „За нас“ и на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС): „Дејноста на медицинските сестри е од исклучително значење за здравствениот систем на секоја држава, но начинот на едукацијата има огромно влијание врз квалитетот на понудените услуги“.
Според Башлиоска, станува збор за струка која не може и не смее да се заврши вонредно, а единствено што произлегува од ваквиот тип на образование е хиперпродукција на недоволно квалитетен медицински кадар.
„…има случаи на преквалификување од сите можни професии, кои вонредно завршувале во повеќе школи низ Македонија… на ова навистина мора да се стави крај, особено што тие на некаков начин ќе ја добијат дипломата, но немаат никаква практична настава… најмногу има преквалификации на кадар вработен во болниците и други здравствени установи и тоа од работни места како што се администраторки, хигиеничарки, болничарки, бидејќи при запишување немаат никакви услови, станува збор за неформално образование… хиперпродукцијата може само да донесе неповратна штета на македонскиот здравствен систем…“, вели Башлиоска.
Што покажува-практиката?
Практиката покажува дека здравствениот систем е во кома. Секојдневно читаме тажни вести. Па така, жално згасна животот на Благојче Илиевски. Па по некоја недела, од негрижа, јас повеќе би рекол од незнаење згасна животот на малата Јана Христовска.
Читам по медиумите:
„Семејството обвинува на лекарска негрижа, починал шеесетгодишен маж од село Пирок во Тетово“, …и така се’ по ред. И само слушаш, ќе се испита случајот од Комисија… и се прикрива се’. Трулеж од здравство, надлежните не се интересираат за состојбите во здравството. Да, се интересираат за нивните лични интереси. Потресно!
Реакција на родители, чии деца се прводделенци
На виделина произлегува т.н. Концепција за основното образование на поранешната министерка за образование и наука Мила Цароска, нешто што го продолжува и актуелниот министер Јетон Шаќири.
Имено, деновиве реагираат родители, чии деца учат прво одделение во Основното општинско училиште „Кирил и Методиј“ во Скопје, каде наставниците кои предаваат им дале домашни задачи од работни листови каде се зборува за „Рецепт за среќно семејство“. Каде на цртежот се гледаат двајца мажи, татковци и држат машко дете и друга слика две жени како се држат за рака.
По реакција на родителот и разговорот со наставничките и по „темелен и длабок разговор, увидена е некоја грешка, која е исправена“!
На ваквата „грешка на наставничките“, реагираат и од Коалицијата за заштита на децата, кои сметаат, дека ова во никој случај не е и не може да биде грешка. Ваквата „грешка“ не може да се оправда со ниту еден логичен аргумент, освен дека станува збор намерно наместен текст со вакви претстави, со цел активистичко промовирање на хомосексуализмот.
Почитувани читатели
Ваквите постапки на наставниците кон учениците се незаконски. Согласно Законот за основно образование (ЗОО) член 65-во делот – Заштита на интересот на учениците, стои: Став 1 – „Секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на учениците и да го почитува неговото достоинство, како и Конвенцијата за правото на детето“. Став 2 од истиот член стои: „Забрането е телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него“.
Во конкретниов случај, министре Јетон Шаќири, директорот, наставниците, стручните служби на училиштето ги прекршиле напред наведените ставови од членот 65 од Законот за основно образование. Поконкретно во делот на психичко малтретирање и понижувачко постапување кон него. За ваквите незаконски постапки ги прашувам наставниците: Дали имате педагошка етика? Дали Ви се интерес децата?
Во овој случај НЕ! Дали, ви е местото помеѓу децата? НЕ!
Затоа, веднаш треба Кординативното тело на родители, како и советите на родители да поднесат претставка до Државниот просветен инспекторат. За претрпеното психолошко, понижувачко однесување и постапување кон учениците. Целосна подршка на децата и родителите. СЕ’ ВО ИНТЕРЕС НА ДЕЦАТА!!!
Што се случува со Економскиот факултет во Прилет при УКЛО-Битола?
За случувањата на овој факултет, пишував пред една година, каде што имаше реакции од суденти и професори, а се однесуваше за реакредитација на студиските програми за академската 2021/2022 година, за додипломски студии, со што наставниот предмет Статистика да биде изборен на некои студиски програми, наместо како до сега задолжителен предмет. За ваквиот непромислен чекор на раководството на Економскиот факултет-Прилеп, подршка дадоа и првите луѓе на Битолскиот Универзитет „Свети Климент Охридски“ Битола.
Реакциите не стивнуваат, деновиве откога Наставно-научниот совет на овој факултет одржан на ден 22.02.2023 година, донеле Одлука за демонстратор од областите Менаџмент, Маркетинг и Бизнис во академската 2022/2023 година, се избира Е.Т, студент на трет циклус на Економскиот факултет-Прилеп. Демонстраторот Е.М. ќе држи вежби по предметите: Сметководство, Финансиска теорија и политика и Меѓународни финансии, со што ќе им врши администрирање на предмети кај професори и тоа на: Гордана Трајкоска, Пеце Николовски, Каролина Илиеска, Анета Ристеска Јанкулоска, Илија Христоски, Маргарита Јанеска, Мирослав Габероски, Татјана Спасеска, Емилија Ѓорѓиоска, Љупче Маркушески, Снежана Обедниковска и Виолета Глигоровски.
Во што е проблемот на реакциите?
На прашање на професор на факултетот пред Наставно-научниот совет кој истакнал:
„За да го видиме квалитетот на студентите на докторски студии ги доставувам тестовите од проверка на претходните знаења на студентите по предметот Квантитативни истражувачки методи, кои исто така треба да ги валидираме за активност. На тестовите студентите добија 4.5 поени, 4 поени, 1.5 поени и 1 поен“.
Да знае македонската јавност и академската фела – апсурд.
Тестот содржел 10 задачи, а секоја задача носела по еден (1) поен. Тежината на тестот бил, што осум (8) задачи биле од основно образование и две (2) задачи од средно образование. Само од ваквиот тест може да се види очајниот квалитет на студентите на трет циклус на студии. ДНО! Дали е вака само на овој факултет? НЕ! На повеќе факултети-универзитети во Македонија!.
И не е само овој свесен апсурд на овој Економски факултет-Прилеп, не е мал и скандалот на овој факултет по однос на плагијат кој го направиле професорите д-р Лупче Маркушески и д-р Игор Здравкоски и Александра Јованоска. Но, за ова треба да расправаат надлежните на факултетот, и во ваква ситуација деканката на факултетот проф.д-р Драгица Оџаклиеска треба да си поднесе неотповиклива оставка, а ректорот и ректорската управа при УКЛО-Битола, да не ги прикриваат ваквите скандали и да има одговорност. Треба да проработи Етичкиот кодекс на Економскиот факултет – Прилеп. Економскиот факултет – Прилеп не заслужува да го има ова ниско ниво.
Скандали во Државниот просветен инспекторат
Не стивнуват реакциите во академската фела и во самиот Државен просветен инспекторат (ДПИ) од незаконското работење на Државните просветни инспектори за високо образование, поконкретно за инспекторите: Африм Саљиу-раководител на секторот во инспекторатот, Даниела Кироска-раководител во одделението за високо образование во инспекторатот, Зоран Ристески, Предраг Илиески, Христина Јовановска, Перо Арсеноски и Маја Стојановска (внука на поранешниот директор на Државниот просветен инспекторат Томе Спироски).
Има повеќе скандали и апсурди на овие инспектори. Меѓу последните е солидарноста кон своите колеги инспектори за академското напредување на Државните просветни инспектори Зоран Ристески и Христина Јовановска на Славјанскиот универзитет-Свети Николе, тука е и незаконското работење на Државниот просветен инспектор Маја Стојановска, при вонредниот инспекциски надзор на Приватниот Факултет за бизнис економија-Скопје.
Имено, раководителот на одделението за инспекциски надзор за високо образование при ДПИ, Даниела Кироска, свесно не констатира дека „студентот“ инспектор Зоран Ристески ги завршил додипломските студии на Приватниот Правен факултет при Славјанскиот универзитет во Свети Николе – Казнено право, со 240 ЕКТС, кредити, за нецели две (2) години.
Ја прашувам Кироска: Дали при вонредниот инспекциски надзор го пронајдовте Решението за еквиваленција на испитите кои „студентот“ инспектор Зоран Ристески ги положил на Факултетот за физичка култура, при УКИМ-Скопје, како услов да оствари влез во повисоки години на Правниот факултет на Славјанскиот универзитет во Свети Николе? Дали воопшто има компатибилност на овие програми?.
Од Записникот од извршениот вонредниот инспекциски надзор на инспекторот Даниела Кироска-раководител на одделението за инспекциски надзор за високото образование, свесно го прикрива износот на плаќање-школарина, кој треба да бидат во личното досие на „студентот“ инспектор Зоран Ристески. Ова е несовесно и непрофесионално работење со прикривање на факти за прв и втор циклус на инспекторот „студент“ Зоран Ристески, од страна на инспекторот Даниела Кироска.
Тука е и несовесното и непрофесионално работење на Државниот просветен инспектор Маја Стојановска од Куманово (внука на поранешниот директор на Државниот просветен инспекторат Томе Спироски, примена во негов период – непотизам), која извршила вонреден инспекциски надзор по преставка на група студенти на Приватниот Факултет за бизнис Економија-Скопје (ФБЕ).
Од Записникот ИП1.бр.09-32 од 14.03.2023 година, од извршениот вонреден инспекциски надзор на Приватниот Факултет за бизис економија-Скопје, просветниот инспектор Маја Стојановска, констатира: „…дека ПВУ-ВЦШ-Факултет за бизнис економија-Скопје, во однос на исполнетост на услови за основање на самостојната високообразовна установа, има ангажирано шест професори кои изведуваат настава, што е спротивно на член 61 ст.(3) и (4) од Законот за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/18,178/21), ( не ги образложува членовите од Законот). Иако, Државниот просветен инспектор Маја Стојановска, констатирала законски пропусти, не издала Решение, туку наведува дека ќе го запознае Министерот за образование и наука (прескокнувајќи и занемарувајќи го Директорот на Државниот просветен инспекторат). Нелогичност и непрофесионален приод во работата.
Согласно член 82 од Законот за инспекциски надзор (ЗИН) по записникот што констатирала инспекторката Маја Стојановска, утврдила „фактичка состојба, констатирала и утврдила неправилности и недостатоци“, согласно член 83 од ЗИН, доставува Решение. Тоа од Државниот просветен инспектор не е сторено! Што е свесен законски пропуст и има одговорност! Или согласно Законот за просветна инспекција член 35 точка 3, просветниот инспектор ја злоупотребила службената положба и треба да сноси одговорност. Тоа истото се однесува и за Државната просветна инспекторка Даниела Кироска.
Должност на Директорот на државниот просветен инспекторат
Со незаконските активности на Државните просветни инспектори Африм Саљиу-раководител на секторот во инспекторатот, Даниела Кироска-раководител во одделението за високо образование во инспекторатот, Зоран Ристески, Предраг Илиески, Христина Јовановска, Перо Арсеноски и Маја Стојановска, со нивното солидарно образовно злосторство од инспекциско злосторничко здружување, со прикривање на факти, работат спротивно на Законот за инспекциски надзор, како и спротивно на член 35 став 3 од Законот за просветна инспекција, каде што „ја злоупотребуваат службената должност“. И не само тоа, работат спротивно на член 2 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси (Службен весник РМбр. 12/2019) каде што се вели: „под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности“.
Со ваквите незаконски дејанија овие инспектори го губат „интегритетот“, согласно член 8 став 7 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси (Службен весник РМбр. 12/2019) што подразбира законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работи со кои службените лица го чуваат својот углед и угледот на институцијата“.
Со нивните незаконитости инспекторите во работењето го рушат угледот на институцијата.
Затоа директоре на Државниот просветен инспекторат, должни сте и одговорни (иако сте само неколку недели), согласно вашите законски надлежости, да се сосечат образовните криминали, воедно да извршите трансформирање на овие инспектори, да неможат да вршат инспекциски надзори на високообразовните установи во Република Македонија, поради многу сомнежи и да се ангажираат инспектори од постојните вработени кои се во Државниот просветен инспекторат, кои вршат надзори во основните и средните училишта, а овие да бидат под строг надзор на работа само во основните училишта, со што би се намалила можноста за образовни криминали.
Директоре, вие сте на потег. Ветивте дека ќе се борите против криминалот и корупцијата. Одговорноста е ваша! Ајде покажете се!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес