Taa e креаторот на нови модни трендови, уникатни, единствени. Нејзината снаодливост и умешност со модните детали, создава неверојатни креации, на кои би им позавиделе и најпознатите модни дизајнери. Ивана Николова од Прилеп сигурно чекори кон освојување на врвовите на модната индустрија. Нејзините креации се извонредни, изработени со многу љубов, труд и пред се со многу вложено време во едуцирање и надоградување. Полека но сигурно ги освојува Европските модни списанија и црпи нови инспирации за понатамошно творење.
Здраво Ивана и добредојде на маркукуле.мк
Кога кај тебе започнува интересот за модниот дизајн, за модните стилови и што е тоа што те привлече во оваа свера?
– Интересот за модниот дизајн кај мене започна уште од најрана возраст, како што вели мајка ми. Сум прецртувала креации од некоја книга што таа ја имала и биле доста успешни. Сепак, тоа било во детството, а верувам дека сите ние преку цртеж сме го искажувале нашето размислување и нашата креативност. Кога беше време за запишување на факултет точно знаев што е она што го сакам и не прифаќав никаква друга опција. Она што ме привлече беше самостојноста која ја бара самата работа. Сакав да работам нешто кое што ќе зависи само од мене, нешто каде што ќе можам постојано да истражувам и да учам нови работи, нешто во кое ќе можам одново и одново да експериментирам и да се докажувам. Сакав да креирам за други, да им понудам мало задоволство и потоа да бидам дел од нивната среќа.
Како се надоградуваш на ова поле, што користиш за да бидеш во тек со модните измени, модните новитети ?
– Се надоградувам со читање литература, имам неколку омилени книги за модата и уметноста. Потоа со темелно истражување на најразлични теми кои подоцна можат да ми користат како инспирација за модна колекција. Тука е и практичниот дел, односно изучување и вметнување на нови техники во креациите. Ова е мојот омилен дел. Рачната работа и посветувањето најголемо внимание на секој детал е она што го сакам најмногу во оваа работа. Што се однесува на модните трендови, не ги следам редовно бидејќи повеќе се посветувам на сопствената инспирација и она што јас мислам дека треба да го реализирам, отколку на она што се нуди некаде во светот.
Што има Ивана Николова изработено на ова поле, што имаш до сега сработено како твој производ?
– Имам реализирано повеќе колекции, од кои четири беа претставени на FWSK, а останатите се изработени на факултет како проекти за испити. Уште кога бев прва година на факултет, учествувавме на Модниот викенд Скопје во групна ревија со останатите колеги. Тогаш се претставив со еден модел кој за мое огромно изненадување се најде во пет списанија на ниво на Европа. Тоа беше уште поголема мотивација за мене, а исто така и едно огромно искуство за нас како група бидејќи за прв пат се сретнувавме со еден ваков настан кој веќе беше завршен додека ние се свестивме каде сме и што всушност се случува. Потоа сите наредни модни ревии беа полесни бидејќи знаевме како се одвиваат работите, но секоја од нив со себе носеше нови предизвици и неизвесност која беше убава и слатка. Друг настан на кој имаме учествувано е Skopje Design Week – исклучително уметнички настан каде што беа изложени уметнички дела од многу дизајнери. Исто така, секоја година организираме изложба од факултетот на која што е изложено најдоброто од сето она што сме го работеле во текот на годината. Последното искуство беше соработката со Британски совет, Моден викенд Скопје и Музеј на град Скопје. Главната цел беше модна изложба во која учествувавме модни дизајнери, но и графички дизајнери и дизајнери на ентериер. Тука имаше нов предизвик, односно презентирање на модна колекција на еден поинаков начин, во музеј.
Што подготвуваш следно во иднина?
– Она на што сум моментално најмногу посветена е полагање на последните испити со што ќе ја завршам последната година, како и спремање на магистерската. Исто така спремам и нова колекција која ќе биде претставена на Модниот викенд Скопје. Останатите планови оставам да зборуваат сами за себе кога ќе се реализираат.
Кој е твојот начин на творење, што ти лично негуваш и што ти лежи најмногу на срце? Дали е тоа целосно, комплет надворешен изглед, или пак се фокусираш на одредени делови односно дизајнирање на женски ташни, обувки ?
– Целосен надворешен изглед, се разбира. При што, најголема важност им давам на деталите затоа што сметам дека тие се најважни, тие го прават целиот дизајн. Но сепак, преферирам да нема многу детали на една креација, на пример, ако има еден тој би бил изработен рачно и темелно така што окото ќе се фокусира на едно место доловувајќи ја приказната што се крие зад креацијата.
Колку е тешко или лесно да се снајдe еден млад човек во тие води?
– Па тоа најмногу зависи од секоја индивидуа посебно. Ова е работа која што е многу сериозна и бара многу труд и постојаност, мора да има еден континуитет, но со постојано надоградување. Сметам дека секој кој има квалитети и може да понуди нешто свежо, интересно и поинакво, и кој ќе вложи многу труд и ќе биде упорен, би успеал. Од оваа работа секој добива толку колку што ќе вложи во неа.
Постои ли силна конкуренција кога се зборува за модното дизајнерство во Македонија?
– Конкуренција има секаде и во секоја област, тоа е факт. Дали конкуренцијата е силна, тоа е релативно. Секој дизајнер има своја, единствена визија и се држи до неа. Секој дизајнер има некоја инспирација и го нуди она што смета дека недостасува.
И за крај, дали сме добро модна поткована нација, знаеме ли да ги следиме модните трендови?
– Веќе се следат светските модни трендови повеќе од било кога, но тоа понекогаш може да биде и лошо бидејќи на тој начин повеќе внимание се посветува на она што се нуди некаде во светот отколку на она што може да го понуди некој дизајнер. Сепак, има голем напредок во оваа област и тоа е многу очигледно.
Ивана, екипата на маркукуле.мк ти посакува успешна модна кариера, веруваме дека ќе промениш многу, дека твоите модели и креации ќе жарат на модните писти и секогаш ќе привлекуваат големо внимание.