По којзнае кој пат блокиран е патниот правец Прилеп-Ресен на клучката кај Битола. Прилепчани и сите останати кои патуваат преку овој пат, и се упатуваат кон Преспанскиот регион и Охрид, мораат да мачат маки и да ја поминат пола Битола за да излезат повторно на отворен пат.
Претходно патниот правец беше затворен поради блокади кај ромската населба “Бајро”.
Слична беше сликата и минатата недела, кога на социјалните мрежи одново се прошири видео на кое се гледа дека патот наликува на воено боиште.
Ова е една грда слика која ги дочекува сите кои поминуваат по овој патен правец. Често пати се случува возачите да добијат и по некој камен, а срамот е поголем затоа што овој патен правец го користат и голем број туристи кои патуваат до Охрид и Преспа.