Штетата од невремето што на 23 јули годинава ги погоди прилепските села Мало и Големо Коњари, Галичани, Кадино село и реонот на градската населба Варош беше проценета на износ од 184.609.144 денари (околу три милиона евра), се велеше во извештајот што во септември го поднесе Комисијата за процена на штети до прилепскиот општински совет, а советниците го прифатија.
Од поднесените 1.315 барања на земјоделците, од Комисијата беа прифатени 1263 барања, а земјоделците од овие населени места во Прилеп сеуште чекаат на второстепената владина комисија, која треба да одговори со колкав процент ќе бидат обештетени.
Штетите кои ги предизвика страшното невреме го уништија речиси целиот род на тутунарите во овие населени места, а погодени беа и површини со жито, пченка, пипер и други култури.
Граѓаните очајно молеа да добијат помош и да бидат обештетени, но засега ништо.
Од друга страна пак, Владата можеби нема пари за надомест на штета и за враќање на надежта во олку голем број семејства, но има пари за набавка на лубриканти.
Веста која минатата недела ја објави порталот “Eкономски Лидер” беше за верувале или не на целата македонска јавност.
Планирано е да се потрошат верувале или не 95 милиони денари (или 1,5 милиони евра) пари на граѓаните. Како за споредба минатата година оваа програма се финансирала со 11 милиони денари – пишуваа медиумите…
Бизарно: Владата финансира набавка на лубриканти – распишан тендер!
Земјоделците од прилепско засега ќе останат бели во очите, затоа што очигледно набавката на 20.000 шишиња лубриканти е поважна од нивната мака и труд.