“Ако се фајчаш, фати се за…” и “Бубамарите” се двете претстави кои премиерно ќе ги прикаже Младинското драмско студио ,,Тетар Чин 4 сцена 5″ по повод 10 години од постоењето.
,,Ако се фаќаш, фати се за…” МДС премиерно ќе ја прикаже на 15 ноември. Се работи за водвиљ претстава –комедија, која е своевидна локализирана адаптација на комедијата “Оскар” од францускиот комедиограф Клод Мание.
-Дејството на оваа, адаптирана комедија, за што адаптацијата ја направи Коле Ангеловски, се случува тука во нашиот град. Незгодите што му се случуваат на главниот лик, г. Трајко, кој е сопственик на пиварница, се фокусот околу кој ќе се одвиваат настаните на сцената. Се започнува со едноставно недоразбирање, за потоа да се случи општиот хаос во домот на Трајко – велат од МДС:
Во претставата играат Кире Најдоски, Бобан Смилкоски, Евгенија Јакимоска, Надица Дојкоска, Сара Спиркоска, Анастасија Конеска, Давор Петровиќ, Елена Соколоска, Виктор Мирчески и стефан Спироски.
“Бубамарите” е комедија работена по текстот од англискиот автор Тони Лејтон. Текстот првпат се поставува во Македонија и добитник е на многу награди.
-Уникатен е, со специфичен начин на хумор, а обработува интересни теми како што се стереотипите и предрасудите кон повозрасната популација. Селската театарска трупа на Горно Сливово ги изгуби сите мажи. Трупата е пред распаѓање, кога една млада режисерка, Франческа Дел Марко и нуди помош. Ги убедува членовите на трупата да се пријават на фестивал со претстава која самата ја напишала. Но, драмата на Франческа е контроверзна и ,,моралните,, власти се обидуваат да ја спречат претставата. На сцената ќе се види дали ќе успеат во тоа? – потенцираат од МДС.
Во оваа претстава играaт Елена Соколоска, Марија Димеска, Валерија Чавлеска, Ева Тумановска, Ева Димоска, Викторија Цветаноска, Михаела Насеска, Евгенија Јакимоска и Сара Спиркоска.
Премиерата е закажана за 23 ноември.
И кога се спомнуваат 10 години од постоењето на МДС, кое работи под патронат на Центарот за култура, тогаш треба да се каже дека зад студиото се бројни претстави, а пак моментално работи и училиштето за театар во кое тајните на театарската ументост ги совладуваат ученици на возраст од 6 до 25 години.