Заштедa до 33.000 евра со проектот „Купи куќа за млади“

Со пари од државата младите до 35 години лесно ќе може да дојдат до сопствен дом. Пресметките покажуваат дека заштедите со проектот „Купи куќа“ може да достигнат и до 33.000 евра.

zastedi-kuka-640x427

Апроксимативните проценки покажуваат дека доколку се користи првиот моидел од овој проект, за кредит од 50.000 евра корисниците ќе добијат субвенција до 33 илјади евра. До 40 илјади евра кредит- субвенцијата изнесува 28 илјади евра, а за 30 илјади евра кредит- поддршката ќе изнесува 20 илјади евра.

Дополнителна поволност е тоа што каматните стапки на кредитите остануваат исти како и досега, 3,95 отсто во првите три години, а 4,44 проценти во четвртата и петтата година, по што каматата ја одредува банката, но не смее да биде повисока од каматните стапки за останатите кредити за стан или куќа.

Оние што ќе го одберат, пак, моделот наречен „учество“ ќе добијат 100 процентна субвенција на учеството за кредитот, односно максимум до 12.500 евра ако го користат максималниот износ за субвенционирање кредит до 50.000 евра. Позитивно во овој модел, е што каматната стапка е фиксна цело време при отплатата на кредитот и ќе изнесува 4,5 проценти, плус месечен еуролибор. За кредит, пак, до 40 илјади евра Владата на корисникот ќе му исплати 10 илјади евра за учество, а за 30 илјади евра субвенционираното учество ќе изнесува 7.500 евра.

tabela-kupi-kuka-2

Владата вчера го претстави мега проектот „Купи куќа“ кој се однесува на младата популација на која и се овозможува да реши едно од најважните животни прашања. Проектот почнува за неполни два месеца, а може да се користи преку два модела.

Преку првиот- државата 11 години ќе ја плаќа ратата од кредитот. Во првите 8 години, државата ќе покрива 80 проценти од ратата, во преостанатите три годни- 50 отсто. Или, ако ратата е 200 евра, во првите 8 години, државата ќе покрива 160 евра, во преостанатите три 100. Вториот модел е за учеството. Државата ќе ги покрие сите трошоци, односно ќе ја плати целата сума од учествтото. Средствата се неповратни.

„На почетокот е потребна поддршка, а ние преку овој проект таа поддршка ја обезбедуваме. Сакаме да дадеме една добра шанса за младите да решат едно од животните прашања- обезбедувањето на сопствен дом. Убеден сум дека овој проект, Купи куќа за млади ќе им обзбеди мноштво позитивни ефекти на младите луѓе. Ќе продолжиме и понатаму да даваме силна поддршка на младите луѓе преку многу други проекти и преку многу други мерки. Младите и понатаму ќе останат во фоусот на нашето внимание“, соопшти премиерот Груевски.

Условите за добивање субвенција генерално исти како и за „Купи куќа, купи стан“

Проектот ќе почне да важи од први февруари, со него се опфатени млади брачни другари или поединци, со примањата до 900 евра за поединец и 1.300 ако барателите се во брачна заедница. По најповолни услови ќе можат да изградат, купат или доградат куќа.

Условите за добивање субвенција од државата со проектот генерално се исти како за проектот „Купи куќа купи стан“ освен првичниот критериум за возраста на лицето што ќе го подигне кредитот, најмногу до 35 години.

Воедно, барателот на субвенцијата, без оглед на брачниот статус, не треба да има живеалиште на свое име ниту пак да има подигнато кредит. Проектот се однесува само за стекнување нови невселени куќи изградени од градежни компании, како и за изградба на сопствена куќа на свое земјиште или пак надградба и доградба.

Позитивни ефекти од неговата примена надлежните очекуваат и кај градежните компании што градат нови куќи, како и кај фирмите за производство на градежни материјали и за внатрешно и надворешно уредување.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.