Засилувањата почнаа да идат, сакаме европска екипа, но условите ни се мизерни

Екипата на РК Прилеп почна да ги објавува првите нови имиња, кои идната натпреварувачка сезона во ракометната Супер лига ќе треба да изборат европска сцена.

Иако амбициите на прилепчани и минатата сезона беа истите, РК Прилеп повторно разигруваше во плеј-аут, па освојувајќи го првото место во оваа конкуренција се избори за опстанок во најелитното ракометно друштво.

Вљубениците во ракометот во Прилеп носталгично се сеќаваат на деновите кога во градот се играше европски ракомет, пред полна Универзална сала. Изминатите години тоа не е случај. Буџетот на екипата е скромен, а натпреварите се играат во училишна спортска сала.

Се правеа напори ракометот во Прилеп да се врати во спортскиот храм, но иницијативите заглавија во дневно политичките и административни лавиринти.

Дали нешто ќе се промени пред почетокот на новата сезона во Супер лигата, останува да видиме.

Во меѓувреме прилепчани се засилија со Никола Јеремиќ на бековската позија, Босанец кој во текот на својата кариера ги бранеше боите на Слога од Добој, Војводина, Грачаница и Борец.

Се врати и голманот Стефан Христоски, кој настапуваше за Партизан, а дојде и Божидар Илиески од Мулти Есенс.

Повратник е и Александар Тренчевски, пикерот кој имаше интернационална кариера и во својата кариера настапуваше за: Вардар Јуниор, Зомимак, Струга, Паргас ИФ од Финска и за Астраион.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.