Започнува остварување на сонот на генерации битолчани – Потпишан договорот за физибилити студија за изградба на гондола од Дихово до Пелистер (ВИДЕО)

Со зголемен интерес за природните убавини и авантуристичките можности, Општина Битола активно инвестира во развој на инфраструктурата и модерни содржини кои ја зголемуваат туристичката понуда и го претвораат Потпелистерието во дестинација за доживување во сите четири сезони.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, го потпиша договорот за почеток на изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола на потегот од селото Дихово до врвот Пелистер. Студијата опфаќа детална анализа на теренот, технички спецификации, можности за летни и зимски активности, како и планирање на инфраструктурата со цел развој на Пелистер како дестинација за сите четири сезони.

Општина Битола обезбеди поддршка и за дополнителни содржини во рамки на Националниот парк, меѓу кои изградбата на Авантуристички парк на Пелистер. Паралелно со тоа, продолжува реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, еден од симболите на битолското планинарство, кој со своето обновување повторно ќе стане омилено собиралиште на љубителите на планината.

Во насока на подобрување на пристапноста и инфраструктурата во Потпелистерието, реализирани се повеќе активности, меѓу кои и реконструкција на локалниот пат во село Цапари, изградба на колекторски систем и пречистителна станица во Националниот парк Пелистер, реконструкција на патот од село Трново до границата со паркот, како и инфраструктурни зафати во село Брусник, каде што е изведен колектор за фекална канализација и реконструкција на коловозот. Овие инвестиции овозможуваат подобра поврзаност, почиста животна средина и повисок квалитет на престој за туристите и локалното население.

Во текот на зимскиот период, Општината во соработка со ЈП „Пелалинк“ овозможи бесплатен превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, кој го искористија над 600 граѓани, најмногу млади љубители на зимските спортови.

Општина Битола продолжува да инвестира во инфраструктурата, туризмот и животната средина, создавајќи предуслови Пелистер да стане дестинација која инспирира и привлекува посетители во текот на целата година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.