Започна божиќниот пост

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почнува шестнеделниот божиќен пост.

Постот ќе трае 40 дена, односно до Божиќ, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божиќ не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Божиќниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божиќниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Во Православната црква практика е во текот на божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божиќ. Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божиќниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.