Празнувањето на денот кога се одбележува преносот на светите мошти на Св. Атанасиј Велики и чудата произлезени од нив, е ден кој особено се почитува во Прилеп и прилепско. Во повеќе цркви и манастири, особено во околијата, вчера се одржаа празнични литургии и се делеше ручек, а Протоереј Љупче Петрески пишува за празнувањето и историјата на манастирот посветен на свети Атанасиј Велики во раселеното село Стар Присад.
Во продолжение прочитајте повеќе за храмот кој стои како тивок сведок за верата и снаодливоста на народот во турско време.
ЗАКОПАНИОТ КРСТ – СВЕДОШТВО ЗА НАРОДНА ИТРИНА И ЖЕД ПО БОГА
Денес, како свештеник, имав чест да служам света Литургија во храмот посветен на свети Атанасиј Велики во село Стар Присат, во Прилепско. Бидејќи Стар Присат одамна е без жители богослужба во ова село се одржува еднаш годишно, токму на денешниот празник ,кога Црквата прави спомен на преносот на моштите на светителот. Повеќето куќи се веќе срушени од забот на времето и обраснати со трева и спомени. Но, храмот сè уште стои, гордо и молитвено, како сведоштво на една епоха, на една вера и народна истрајност.
Посебна е и приказната за тоа како е изградена оваа црква. Во почетокот на 19 век, кога жителите на Стар Присат повеќе пати барале дозвола од тогашните турски власти за изградба на црква, одговорот секогаш бил одречен. Еднаш, властите дале услов – дека може да се гради црква само ако се најде „нишан“, обележје или знак што ќе укажува дека на тоа место треба да има храм.
Писарот, кој бил во служба на турските власти, но со сочувство ги слушал овие разговори, потајно ги советувал присаѓани да измислат нешто, да најдат начин. И така, народната мудрост се родила во дело. Присаѓани мислеле, мислеле и смислиле! Нарачале од еден прилепски каменорезец да изработи голем камен крст. Кога бил готов, го натовариле на кола, го прекриле и врз него легнал еден човек од селото, глумејќи дека е тешко болен и неподвижен. Кога ги сопреле турските стражари, селаните рекле дека го носат болниот човек назад во селото. Така, успеале да го внесат скриениот крст во Стар Присат.
Крстот го закопале токму на местото каде што сакале да се изгради црквата, го прекриле со земја, посадиле грмушки и растенија и го оставиле така неколку (околу три) години, сè додека природата не го прекрила целосно. Потоа, селаните повторно почнале да бараат дозвола од турските власти, повикувајќи се на чудни сништа, виденија и силни внатрешни повици дека на тоа место мора да се изгради црква. Конечно, властите испратиле претставници да испитаат што се случува. Кога дошле на местото, селаните посочиле каде им се јавува „знакот“, а при копањето бил пронајден токму тој крст – камениот сведок, „нишанот“ кој, според претходно кажаното, бил доволен за да се издаде дозвола за градба на црква.
И така, во 1838 година, со благослов и со многу мака и љубов, бил изграден храмот „Св. Атанасиј Велики“ – духовното срце на Стар Присат.
Денес, кога селото е тивко и празно, а ѕидовите на некогашните домови се распаднати, храмот стои исправен. Тој храм е повеќе од здание од камен – тој е жива меморија на една заедница што имала храброст и вера да му пркоси на времето и забраните. Храмот е сведоштво на едно силно духовно ткаење, на итроштината на народот кој со ум и со молитва знаел да гради, дури и кога му било забрането.
Секоја година, еднаш годишно, храмот повторно оживува. Потомци на присаѓани, верници од Прилеп и од околните места, доаѓаат овде да се помолат, да запалат свеќа, да ги поврзат своите души со тие на своите предци. Тогаш, Стар Присат не е веќе пуст – тој дише преку пеењето на Литургијата, преку мирисот на темјанот и преку споменот кој не згаснува.
Нека не забораваме дека црквата не е само место, туку и духовен столб. Таа не’ потсетува кои сме, од каде доаѓаме и кон што се стремиме. А храмот „Св. Атанасиј Велики“ во Стар Присат ќе продолжи да стои како тивок сведок и чувар на таа вистина – сè додека постои вера во срцата на народот.
Пишува Протоереј Љупче Петрески