Зоран Заев утрово изјави дека ја потпишал оставката, по што се очекувало претседателот на Собранието да свика пленарна седница на која ќе биде констатирана оставката.
Верувам дека многу набрзо ќе стигне во Собранието за во текот на денот да може да почне процедурата и да се завршат работите за избор на преодната влада, рече Заев во емисијата „Утрински брифинг“.
Тој очекувал целата постапка да помине без проблеми, потсетувајќи дека праксата за формирање преодна влада е воспоставена уште во 2016 година на барање на СДСМ кои тогаш беа опозиција.
По констатирањето на оставката, претседателот на Собранието го известува претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој од највисоките партиски тела на СДСМ беше предлогот за технички премиер, а за кого има согласност и од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Спасовски потоа треба да ја предложи новата влада, а Парламентот да ја изгласа и тој владин состав ќе управува со земјава во периoдот до изборите и формирањето на новата влада.