Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев изјави дека не е целосно запознаен со одлуката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивната пратеничка група дека ќе го замрзнат учеството во носењето на системските закони, за што причина се случувањата со правосудството, но смета дека е важно опозицијата да учествува во реформските процеси.
-Важните работи за државата треба да се случуваат заедно. Премногу важни работи во РСМ се случија без опозицијата. Не треба да дозволи опозицијата и понатаму важните политички процеси за нашата заедничка земја да се случуваат без најголемата опозициска партија без разлика дали се тоа реформите, процесите во Собранието или какви било други процеси, рече Заев на новинарско прашање.
Тој за изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изнесени вчера против него дека се претерани и дека ја разгледува можноста дали да тужи.
-Јас сум од крв и од месо, транспарентен, нормален човек. Само ќе кажам забегана работа затоа што се претера. Јас сум бил во притвори, пред притвори, со одземени пасоши. Сум објавувал политички бомби, но секогаш сум внимавал на зборовите што ги употребувам. Со моите правни советници ќе се консултирам дали треба да тужам, затоа што тој индицира обиди за убиство, зборува за некаква жестокост или сл. Тој тоа што го прави прво зборува за него, но во најмала рака, најблаго кажано е забегано. Времето ќе покаже што е што, останувам посветен на она што е важно за државата и интерес на граѓаните на Република Северна Македонија, рече Заев на новинарско прашање по средбата со лидерот на движењето Беса во рамки на консултации за заеднички претседателски кандидат.
Извор: press24