Заев: “Полициски час од 17 или од 18 часот е една од опциите”

Мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати, но не е исклучено да бидат донесени други рестриктивни мерки, за што ќе заседава Советот за безбедност, изјави Заев и посочи дека факторот на преносливост на Koвид-19 почнува да се намалува.

Се прават анализи за следните чекори во справувањето со Koвид-19. Се размислува за рестрикции, за што деновиве ќе заседава и Советот за безбедност, но мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати. R-факторот на преносливост се намалува и тоа ќе продолжи така доколку и натаму се спроведуваат сегашните мерки за заштита, оцени премиерот Зоран Заев.

-Се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки. Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17 или од 18, ќе има подобри резултати. Сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски и можно е таму да се дефинира некоја од мерките, рече Заев во синоќешното интервју за ТВ 21.

Посочи дека јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сѐ е ставено на располагање за справување со Koвид-19. Во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручен кадар за справување со оваа ситуација.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.