Ние политичарите го направивме своето. Одлуките ги донесовме. Јас како премиер имам мандат до декември 2020 година, овој мандат може да заврши и на 30 септември, но јас сум тука да донесам одлука, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција за доделување финансиска државна помош на компаниите.
Тој им порача на граѓаните да донесат правилна одлука на референдумот. Истакна дека сите граѓани, вклучувајќи го и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаат еднаква одговорност.
– Сите имаме деца, семејства, општини, држава и сите имаме одговорност. Да ја исполниме граѓанската должност пред татковината. Секој нека излезе и нека гласа како сака. Зад параванот секој е сам – изјави Заев.
Заев истакна дека ако има цензус односно ако излезат да гласаат, на пример, 920.000 и од нив 600.000 гласаат „За“, а 400.000 „Против“, тогаш пратениците ќе мора да ја почитуваат волјата на граѓаните и да се имплементира договорот со Грција до крај.
Во спротивен случај, ако 600.000 гласаат против, од вкупно излезени 900.000 или еден милион, тогаш пратениците од мнозинството ќе мора да го поништат договорот.