„Поради Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и поради тоа што го исполнивме целосно Охридскиот рамковен тие се обидуваат да ме претстават како предавник, но јас се сметам за најголем патриот, затоа што македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш порано не биле попризнаени и повтемелени на меѓународно ниво“, изјави претседателот на СДСМ и премиер – Зоран Заев, во интервјуто на Телевизија „Клан“.
Заев потсети дека пред 2017 година за целиот свет сме биле „ФИРОМ“ и дека во извештаите се користело „вашиот народ“ и „вашиот јазик“. Денеска, истакна Заев, сме Македонци, со македонски јазик.
Наспроти ова, од другата страна, смета тој, се политичките противници кои се против сите три договора иако тие договори, како што рече, ја етаблирале државата во меѓународен план.
„Веќе имаме избрани градоначалници кои водеа протести за ‘чиста Македонија’. Тоа не е иднината. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не употребува ‘Северна’. Како тој очекува да продолжиме кон Европската унија? Народот мора да знае дека евентуалното враќање на ВМРО-ДПМНЕ, кое нема да го дозволиме, ќе го крши Уставот, нема да го користи новото уставно име и во старт ќе провоцира барем една земја, а тоа е Грција. Ние почнавме соработка од милијарди евра и ризикот е огромен, а провокациите од таа конзервативна структурна, делумна и нацистичка во лицето на Левица, па донекаде и ВМРО-ДПМНЕ – не е иднината“, истакна Заев.