Заев и Шефтероски тврдат дека Кривогаштани многу се развило овие четири години?

„Вложуваме во инфраструктурни проекти за унапредување на условите за живот на граѓаните, за повисок животен стандард и забрзан економски развој“ – изјави премиерот Зоран Заев на увид на реконструкција на патниот правец Кривогаштани-Житоше.

„Рехабилитацијата на ваквите експресни регионални и локални патишта, кои изминативе години, како и годинава, се изведуваат очекуваме да го поттикнат економскиот развој. Секоја подобрена инфраструктура дали е тоа регионален или локален пат, дали е тоа вложување во канализациони мрежи и слично значат севкупно подобрување на животот на граѓаните”, истакна Заев.

На настанот, на кој присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, градоначалникот на Општина Кривогаштани, Рубин Шефтероски, градоначалникот на Општина Долнени, Џемил Ќамили и директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат”, Беким Мемеди, премиерот Заев истакна дека овој патен правец ги поврзува општините Кривогаштани и Долнени, но е од огромно значење за развој на целиот овој регион.

Премиерот Заев истакна дека изминатиов период на дело се гледа добрата соработка меѓу централната и локалната власт, при што Владата води грижа за развој на сите региони со цел граѓаните без разлика дали живеат на село или во град да имаат подобри услови за живот.

„Имаме градежна офанзива низ целата земјата. Инвестираме над една милијарда евра во инфраструктурни проекти – патишта, водоводи, канализации, системи за наводнување, акумулации за наводнување, со цел да ја поттикнеме економијата и да го поддржиме градежниот сектор”, истакна премиерот Заев и посочи дека сето тоа ќе придонесе за повисок економски стандард, унапредување на животните услови и дополнителен стимул за младите од регионот да се задржат тука.

На ФБ со коментар се јави и градоначалникот на општина Кривогаштани, Рубин Шефтероски.

– Денес, во присуство на премиерот Зоран Заев , директорот на ,,Македонија Пат” Беким Мемеди и градоначалникот на Општина Долнени Џемаил Ќамили, свечено ги најавивме почетокот на работите на асфалтирање на патниот правец Крививогаштани-Подвис. Благодарам на сите кои присуствуваа на овој настан, а особено на премиерот Зоран Заев кој не’ почести со своето присуство. Со реконструкција на патот Кривогаштани-Подвис,Подвис-Житоше(Општина Долнени) ќе се обезбеди побезбеден и побрз сообраќај, бидејќи овој пат веќе долго време не беше реконструиран, напиша градоначалникот на општина Кривогаштани, Рубин Шефтероски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.